И за вистина, Силјане, клетвата од старецот, што ги колна прадедови ни, ни се исполни и до неколку години сите деца од лошата сипаница изумреа и останале сите како црни кукавици без челад; да му е милост на Бога, зер нејќел да нѐ сотре сите, ами и дошол на старата од стариот на сон за да им каже на дедови ни да појдат кај изворите и во едниот извор да се искапат, та ќе се сторат штркови, и да прелетаат бело море и црно, та да појдат во вашата земја и тамо челад да родат и да ги изгледаат, та пак овде да си дојдат и да се искапат во другиот извор, та да се сторат пак луѓе.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)