Старецот конечно го совладува сонот и мракот, кој по толкуте живописни слики што му издефилираа пред внатрешниот поглед, сега го прекрива смирувачката темна завеса која го спречува да го види натамошниот след на историските настани: римското разорување и на вториот Храм во 70-та година од новата ера, паѓањето на тврдината Бетар, последното упориште на Бар Кохба во борбата против Рим пљачкосувањето на Ерусалим, однесувањето и дефинитивното исчезнување на светата Арка на Заветот од новите, не и последните завојувачи.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Таа потреба се должи на неколку факти: - прво, на фактот дека расказот е книжевен вид во којшто се отсликуваат моќни и заводливи слики на светот; - второ, расказот е простор на свежи и живописни слики на современиот свет, па поради тоа е актуелен и алузивен, некогаш хумористичен и ироничен; - трето, расказот како жанр, стилски и јазично, е отворен за уметничко играње со сеќавањата, со имагинацијата и со мечтата на човекот (фантастични, чудесни и лудистички раскази); - четврто, расказот е облик податлив за различни и за широки читателски популации, затоа што од една книга на добри и одбрани куси раскази не се очекува да биде прочитана одеднаш како неделива целина, туку со паузи, а од секој расказ се очекува да биде прочитан во еден здив, со читателска страст и сласт; - и конечно, расказот како книжевен вид е сензибилен на промените во општествената/културната стварност, што влијае и самиот расказ да биде променлив по форма и по значење, потем да се популаризира во нови средини и меѓу новите генерации.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)