И кога го составив со мозаикот, кога целото стана Едно, и кога се укажа целата слика на царевата ќерка под колената мои (оти на колена клечев додека чинев невидливото да стане видливо), сфатив дека сум пајак средето на своето завршено дело, дека ме заробила целината, завршеното, дека самиот сум центар на сочинението од рацете мои, дека сам сум се затворил, сум се заѕидал во тоа чудно здание, храм пајажинест.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
„Вештина сѐ да се пресмета, сликарство што се манифестира со бурни феномени; тоа, во права смисла, се изградува како „механизам за маѓосување“; но едновремено, штом ќе помине вxашеноста и штом гледачот ќе го опфати таинствен страв, таа состојба може да се објасни само со враќањето на „менталните“ операции; се враќаме од маѓепсаноста, од илузијата за завршено дело, кон неисцрпната активност на духот, т.е. кон бесконечноста од рефлексии и анализи, односно кон чудото на непрекинатоста, кое ни самото, во крајна линија, не е ништо друго туку еден вид на исто така творечка и плодна илузија во која би сакале да веруваме или да ја дефинираме.“
„МАРГИНА бр. 3“
(1994)