Но момчето не ги слушало веќе зашто во кафезот на неговите млади ребра срцето му трепетело како штотуку разбудена птица; не зашто умниот песнопоец Богдан Преслапец или најстариот со гајда Каменчо Скитник не можеле да објаснат дека битието се обврзува да му служи на духот што низ векови бил тајна и копнеел по тајни како кога се пеело ој ти тебе ѕвездо вечернице, уште мене јунак не познаваш и не зашто мирисот на смртта го урнал на коленици сневеселениот Богоја Гулабарин: зад нив, меѓу карпи и мртви или полумртви стебла, стоела како фатена во нишки на магија немата девојка Ганка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Кришум, додека луѓето се собирале да го определат местото за гроб, Лозан Перуника се стрчнал со намера да ја спречи девојката да се доближи и да ја открие неговата тајна, ноќните грчења и возбуди од кои до зелените мугри на пролетта крвта му се испарувала низ облеката.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)