И да ја прочиташе дали ќе проникнеше во нејзината суштина, во мојата душа, во мајчината душа...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Остануваше да ја напишам последната телеграма во Сојузното министерство за надворешни работи во Белград, која ретко кој ќе ја прочиташе во тоа време, кога во земјата се страхуваше од југословенското прашање.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
- Никаков градски парфем не може да мириса како мајчината душичка.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
На другата страна од разгледницата со легенда Прованса Мистичните маслини, вие потсетувајќи на питата тикуш (со пилешко месо и јајца), која мајка ми ја подготви по моето враќање од Албанија, според крајот од романот Атеистички музеј пишувате дека можеби питата ќе биде уште повкусна ако се стават и исушените цветови на мајчина душица, рузмарин и маслини.
„Потрага по Елен Лејбовиц“
од Луан Старова
(2008)
Мајчина душичка
- упатство за чај –
Се пие вудве или насамо
но не претерано често
се зоврива, по правило покриен
во земјени, бронзени или керамички
садови, дома
во таа топла и задимена чајџилница
на прекипнувањето:
преку, отаде, и пред тоа, и потоа;
потпивнувај, загревај се
додека е жежок
додека си желна
шмркај, шмукај (наши сме)
напари се
задржи го колку што можеш подолго
в уста, шлапкај со јазикот
миризливоста, сладоста
и краснописот на длапката
да ги сети-ш;
дотурај пополека, измешај го со лажичката
желба за чај – жалба за младост
секоја планина – своја падина
потсркнувај
чај – Бах
чај – Жар
чајни печива
мед и путер;
чајот не се пие од-нога
пиј кроце, голтка по голтка
г’тка по г’тка
меѓу редови.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
И, додека гледам како под фолии насадил цели леи вртипоп, нане, босилок, мајчина душичка, тој ми покажува дека има и сушилница за билките, горд на производството и на погонот за пакување: маса на која една жена од ѓутуре ги меша сувите растенија, ги мери на кујнска вага, ги пакува во теглички и им лепи декларации.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)