нов (прид.) - архитектура (имн.)

Куриозитет претставува новата архитектура на старата црква „В. Кајзер“, на која, околу камбанаријата, е изградена нова црква по форма сосем различна од традиционалните и класичните цркви.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
„Машината, досега послушна слугинка на голото искористување, станува конструктивен елемент на новиот жив организам”, запишал архитектот Erich Mendelsohn во својот, 1923-та година објавен текст Динамика и функција, а при тоа мислел на влијанието на машините врз новиот динамички концепт на просторот во новата архитектура. (Парната машина и подморницата беа, да речеме, мобилни примери за неговиот познат проект за опсерваториумот Einstein-ов столб.) Дваесеттите години на овој век беа период на моќното влијание на „машинскиот сензибилитет” и механичкото искуство врз уметноста; тука не е само Marinetti-евиот футуристички манифест, туку и уметничките истражувања и дострели од различни претставници на историската авангарда; од Man Ray, дадаистичките мобилии и модели на Владимир Татлин до кинетичките дела на Naum Gabo и светлосните скулптури на Laszlo - Moholy Nagy.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Црквата му дава посебен белег на центарот на Берлин и таа е појдовна точка за север или за југ на улицата, таа е патоказ или информатор дека во овој град победила најновата, најмаркантната, најекстравагантната линија на новата архитектура.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Сѐ друго: модернизмот, постмодернизмот, новата архитектура, уметничкиот експеримент, сето она што отстапува од познатото, а особено џезот („чукање со нозе кое го гази македонското битие“), во овие кружоци се смета за – слабеење на државата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тој е претворен во огромно градилиште во кое се наѕираат нови улици, авении, плоштади нова архитектура, која целосно ќе се разликува од таа на „Карл Марксовата Авенија“, денес единствено оформена артерија во Источен Берлин...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)