Венеција тоне, Холандија се лизга, глечерите се топат. чешмата капе. во лакримариумот на седумнаесетгодишната принцеза има солзи стари 23 века. во твојот тие се од пред два дена. El mundo es un panuelo - светот е марамче. влажна и мрсулава Палома. како жеден Бушман бараш вода во секое дупче, под мишки, меѓу нозе, длабоко во нечие грло. ги тераш да те гушкаат, лижат и влажно да те бакнуваат. ритмичните движења го лулаат твојот чамец. откако ќе свршиш лебдиш, бура во чаша вода. спиралите ти се омилена форма, имаш вода во колено и две-три капки во очи. наспроти популарното убедување, крвта сепак е девеесет посто вода. замислуваш самоубиство, во Охридско езеро, како Вулф или Мартин Идн. гледаш додека нуркаш. постоиш дур пливаш, преташ под површината како патка. фрлаш паричка во фонтана наместо жртва, и замислуваш желба. да уживаш онака како што си уживал во плодовата вода. не пепел од пепел и прав од прав. од вода, и во вода. 19 јануари 2009, Водици
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)