Во исто време во некои европски домови навлегува покуќнината Бидермаер, по која многу подоцна (денес) ќе копнеат внуците на македонските селани од Кукулино, премногу рамнодушни за да знаат дека еднаш, во илјада седумстотини четириесет и првото лето господово, еден нивни подалечен дедо, скитник, калуѓер, бакрорезец, иконописец и хералдичар го објавил во Москва грбот на својата земја - жолт лав на црвено поле.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тогаш, две години пред раѓањето на српскиот социјал-утопист Пелагиќ и две години по смртта на францускиот социјал-утопист Фурие, припадникот на движењето Млада Германија, Гуцков, проповеда во својата литература еманципација на жената напаѓајќи го црковниот брак; во Македонија, негде во Леринско, потурчени се сосила три девојки, четвртата е силувана и оставена на пченкарна нива со пресечено грло, и убиен е негде во Скопје поетот мечтател Селџик-бег, Турчин и заштитник на православната сиромаштија; мртов не ќе го види уништувањето на шумите на тој народец кога во Европа почнува засиленото садење на борови.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Другите два листа беа фотографии на водачите, стоеја тука од првото лето кога ја пуштија пиланата, имаше нешто чудно блиско во погледите на тие двајца луѓе, во чија што топла и сериозна загриженост Змејко многу често сакаше долго да гледа, мислејќи си ги своите мисли, не бес насетување и на змијарникот на своите сомневања, но и секогаш изнаоѓајќи нешто толку едноставно и срдечно, што би можел да им го рече на тие двајца луѓе, за кои знаеше доста.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)