Имаше меки стапки, имаше едно проклето чувство, на половична присутност, на половична будност, еден голем дел од него талкаше некаде изгубен, но тоа беше единствениот начин да се поминат сите тие идни денови, навредлив но неизбежен.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ги имаше урнатините на цел еден свет во себе, со едно проклето чувство за својата бессилност за спротивставување, со еден впечаток за себе, како сега во времето додека беше буден, да се загубиле од него сите маѓии за животот, кои му ги правеле онака негови и онака вистински сите дотогашни негови денови, и чиниш сега, тука, на тоа тврдо легло, да почнала да никне на неговите рамена, по неговото лице, во неговиот поглед, една тешка тупа муцка на коњ.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Змејко го знаеше тоа за сето време, застанат крај чамот, што беше доста дебел, а постојано со едно проклето чувство како некој да го имаше исфлено на една ѓаволска сува долина, на некоја гола ведрина, и сѐ, што можеше да стори, беше да испука уште три истрела, нишанејќи право во челото на она заскокано ѕверче што стануваше со секој миг сѐ поголемо и сѐ понасочено кон него, право на него, како некој истрел, единствен и неизбежен, а за сето време додека пукаше, остануваше свесен дека со тоа нема да може да стори ништо, бидејќи знаеше многу добро дека сите делови од телото на тој затрчан самјак беа заштитени во дебела кожа и со непробојна коска, така што на тоа негово место не би можела да му помогне ни кртешница.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)