свој (прид.) - страст (имн.)

Таа ноќ Толе пак ја помина со црното Кате во ќералчето и колку да беше вљубен во pyca Миша и оддели и на Ката парченце од својата страст, ако не љубов, и со внимание ја ислуша кога му раскажуваше како таа не стапнала веќе кај Адема, како Адем, не само што не ја побарал, ами дури некако избегнува да ја сретне.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Ова, се разбира, не значи дека тие не се организирани во „мафијашки структури” и дека треба да престанеме да ги млатиме со чевлите по глава; само значи да не ги посветиме своите животи и своите страсти во кревање врева и прашина околу нив, затоа што дури тогаш - ограбени па избезумени - немаме апсолутно никакви шанси.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
- Ретки се луѓето, што можат да им дадат крила на своите страсти...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Да имаше, си помисли, ќе беше многу полесно, оти тогаш, како двајца што веруваат во различни богови, ќе седнеа и тој немаше да штеди од својата речитост, и од својата начитаност, и од своето време и од својата страст по Бога за да му објасни и да го убеди дека е во право.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Еден круг-талкач на Исток и еден круг-талкач на Запад почнаа да се навраќаат на една мисла: Како би било да се поделам и да ја удвостучам својата страст кон Новото?
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
И младата Арапка го дарува со ненаситноста на својата страст и љубоморно бдее над него.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Професорите од жолтата гимназија, луѓе сиви и без разбирање за сиот живот околу себе, и жителите на безизлезната улица, ситни во своите страсти за кои најголем настан по некоја светска војна беше апсењето на стариот Адам, не ми беа разбирливи, во нив не го видов она што е спротивно на злото иако многуте не беа зли.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Овој љубопитен, ведар, непослушен мал човек, со својата остра метла од бела коса, со своето руменило, со своето пелтечење и нервозните тикови, со својата страст, со својата насмевка и нежната духовитост, е најпрофесионалниот и најнадарениот волшебник на уметноста на нашето време.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Бродвејскиот мјузикл, така, ги научил своите протогеј-зналци дека нивната восприемчивост за гејството на тој жанр можат да ја изразат само под услов на сопствена изолираност и скришност. [Ниедно момче] никогаш не било толку надвладеано од својата страст [кон бродвејскиот мјузикл] за да заборави да води сметка за тајноста во која уживало во него, а ако и заборавело, ако некогаш... нешто, ете, случајно доволно му го одвлекло вниманието, па да заборавело да ги превлече завесите пред својот настап [односно кога пеело и танцувало на албумите од првата бродвејска постава], поради што другите маалски момчиња успеале да го фатат на дело како сочувствително трепери со нумерите што ниту тоа ниту тие никогаш не ги гледале, бргу сфатило – и тоа предоцна – дека чувството на срам му било дадено, како и нагонот за повраќање во грлото, да му биде опомена да се варди од општественото понижување што, сигурно, ќе настапи ако некогаш му падне на памет да биде толку шашлив оптимист, што да го пренебрегне. (11) ‌Практиката да се слуша и да се пее во придружба на снимки од бродвејски мјузикли ги научила оние што уживале во тоа една претпазлива поука за срамот, всадувајќи им свест за невозможноста геј-желбата и геј-чувството некогаш да се преведат во јавен израз и во општествено одржлива стварност – како и изострено сознание за опасноста што ја повлекува и самиот обид да се стори тоа.
„Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (2019)
Тревките ги почитуваат пропишаните сезони, Реките не ги менуваат коритата на својата страст, А виното и понатаму лудува под жедните чардаклии.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
-Во својот страв тие создадоа големи армии на тајни полиции да ја шпиунираат приватноста на мирољубивите.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
-Во својата страст за моќ тие ги контролираат сите средства за комуникација за да го спречат слободниот тек на идеи и за да ги блокираат љубовните размени.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
-Во својата страст за контрола, тие воспоставија системи на принудно образование за да ги ограничат детските умови и за да ја уништат мудроста и невиноста на младите.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
-Во својот бес тие ги принудија мирољубивите млади против нивна волја да се вклучат во нивните армии и да извршуваат убиства против младите на други земји.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)