Изградив кула од зборови Со златни кровови, Со бели дворови, Изградив кула од зборови Во кулата ширни одаи Во одаи занесите мои, Од виденото и сетеното Од тајното и сокриеното: Една одаја за гревовите, Една одаја за зборовите Третата за стиховите, Во темелите стремежите и надежите, Под нив тагата и прелагата, Најдолу душата и снагата.
„Сонети“
од Михаил Ренџов
(1987)
Множење со нула
Не ме фаќа место, не сум овде
во оваа одломка престорена во космос
блудам и во отсутност преминувам
« тегоба во тегоба »
сѐ додека зборот не исчезне
и тој ли
осуетен, сетен
анаграм
сѐ додека повторно не се овоплоти
- помалку алегорично, повеќе пародично -
и не нѐ потсети дека меѓу двата света
освен двата
постои некој трет
за некој друг
не за нас
за минус еден
за минус два
за минус
сѐ додека
не остане
и не стане
сѐ
прааззззннноооо
ОО 00 оо
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Бараш трет за преферанс а немаш ни втор за реми – играш пасијанс со спомените.
„Зошто мене ваков џигер“
од Јовица Ивановски
(1994)
Третото за ќефови - мачки во осој, залез во доцна лето, лубеници на кришки, виножита и вилини коњчиња.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)