На одарот од другата страна обично е испружен Бај Шишко, ако не потпевнува тогаш со гласовите на носот кажува дека не треба гласно да учам француски или руски за да не му го растурам сонот, меѓутоа не можам да сфатам како забележува или како станува свесен дека не учам и дека внимателно сум се спружил држејќи си ја главата со двете дланки зад тилот, тогаш се открива дека не ни спиел, не ни потпевнувал, туку само демнел миг кога ќе се опуштам за да почне разговор со мене.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Гласот, оној негов или на некој што е невидлив, прашува со нагласени согласки што ќе види и тој се сеќава на сѐ што гледал во куќата како дете: сабја кулајлија со вткаени букви од сребро во канијата - Смрт или слобода, стари црковни книги од времето на минатовековната игуменија Минадора, француска или германска кацига од времето на Балканските војни, турски тепсии со богати шари, ископани и начнати римски или такви некакви фигури на светци и војници, шандани, кандила, ками.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)