Се садеше што не се посадило, или се додаваше на тоа што веќе беше посадено - уште некоја леа пипер, четири реда патлиџан, два трапа барбуња, едно парче големо колку да се растркала магаре, крастајчиња, блиску пред куќата жените ги садеа или ги пренесуваа веќе порано посадените џунџулиња, пркоси, париња, сивци, гербери.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
2. Долниот свет
Не оти сме слепци
туку од што сме се одвикнале
да гледаме блиску пред себе
невешто се движиме
со стап вперен напред и
пипкаме:
да не би да наидеме на змија, мудро немушта
да не би да најдеме габа, солза радосница
оти со години гледајќи далеку
ни отапеа сетилата
за светот тукашен
па само некоја разорена
и во мислите насетена
ко привидение, стварност
се тетерави без престан
и бдее
од страв да не исчезне
ако се успие!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)