17. Намерно не ви кажав а ќе ви кажам оти од вас ништо не кријам Дека се случуваше понекогаш да се состават некои парченца Од моите соништа од циклусот за пропаднатите империи И тогаш ќе го видев Цезар како ’рчи Ако не знаевте Цезар се брои како голем светски ’ркач А неговата љубовница Сервилија Цепонис мајката на Брут После ноќното следување бегала во соседната просторија Знаејќи дека Божјиот син спие гласно И дека молежливото опоменување ’рчиш Цезаре не помага И ќе го видев Цезар како плаче како мало дете Кога ќе се разбуди испотен и сам Плаче ту за малку мајчинска нежност ту за капка врело млеко од кобила
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)