Здив
Ух, ухни, воздивни, гукни, така се раѓа Зборот
кога влегуваш во телото на новороденчето
со првиот плач, единствениот
на којшто му се радуваме
- па те нарекуваме Живот
кога се враќаш онаму
кајшто човечка нога не стапнува
- па те нарекуваме Душа
напатена како вечност
кога копнееш, до последен здив
по белата пена во којашто се топиш
од сласт, и исчезнуваш
Ух, ухни вдахновено, така се раѓа Песната!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)