Кого и да запрашаше човек во тие години, мајка или татко, колку деца има, ќе речеше четири, две момчиња и две кози, или три, две машки и една коза...
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Така, потивко отколку што се очекувало додека со некаква измореност ги потпирал градите на дрвените запци, прашал: - Колку деца изделка, мркачу, со првата, покојната Коца на Трипуновци, и колку со сегашнава што ти дојде од Побожјане?
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
ако не можам да те сакам, вели, ќе можам да те тепам, како ѓуптинот ѓупката, вели, првин ќе те завиткам во една черга, вели, за да не можам на место да те отепам, и после ќе мавам, ќе мавам, вели, дури да ме заболи раката ќе мавам, дури да те засакам повторно, вели, и после на секое удрено место ќе те бацувам, вели, за да се сетиш зошто било тепањето, вели, младоста сонува, му велам, а староста само се сеќава на сонот, рекол некој, колку деца ќе имаме, прашува Горачинов, јас веќе имам едно, велам, ти имаш, вели, но сакам и јас да имам,
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)