Од тоа ја обзеде една замелушеност што ѝ ја помати сликата на сето она што се случуваше додека цврсто не заспа: колку и како не се знае, ама Чана ја раздели топлата чорба од петелот со по малку мевце во неа речиси на сите, ја туруваше во саани, во чинии, во месингани чапчиња, во мисури, никој не ја одби нејзината понуда, дури ни Геле Колишев, деверот на Богородица, ни таа, а нејзините синови ја пиеја како да е чај во големи звучни голтки, колку што се сеќава излезе и надвор во темницата, долу во подрумите и ги стоплила момите на Роса со што таа вратила како благодарност голем грст шеќер во коцки за внучињата на Петра, покрај нив, долу открила и други видеуца од свеќи, и ним им дала иако ѝ велеле дека тие се тука од одамна и дека сѐ имаат, дека не се гладни, дека не се мокри, само понадата на Чана никој немал срце да ја одбие.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
- Господе, ако постоиш, чувај нѐ од најлошото и стори полни да ни се ранците со леб и топли чорапи да ни греат нозе, цокули дај ни здрави за да не газиме на босо, панталони и топли шинели стори да имаме сите, маршеви по студено и врнежливо нека нема, од бој да се враќаме неповредени, куршум да не не фаќа и лесни да ни се пушките и стори, Господе, што повеќе топол граф да има барем и со малку мевце, комесарот нека не вика и стори кодошите да ослепат, да оглуват и онемат... Амин...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)