Ако пак е дојден тој слепиот саат, шо велат, јас од него не бегам; токо, пак воа го вела овде, пред вас, како пред свои родители: шо имаме да си кажеме напред, да не речеме утре, ни он, ни јас, оти сме се излагале.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
2. Долниот свет
Не оти сме слепци
туку од што сме се одвикнале
да гледаме блиску пред себе
невешто се движиме
со стап вперен напред и
пипкаме:
да не би да наидеме на змија, мудро немушта
да не би да најдеме габа, солза радосница
оти со години гледајќи далеку
ни отапеа сетилата
за светот тукашен
па само некоја разорена
и во мислите насетена
ко привидение, стварност
се тетерави без престан
и бдее
од страв да не исчезне
ако се успие!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)