полно (прил.) - со (предл.)

- Рајчани е полно со Германци! Бегајте! – им велеа луѓето...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Не е оној познат стаклен сад во кој песокот се преточува туку нешто како мало бронзено тавче полно со смог од кое тој се крева во прамен гас, согорува и исчезнува.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Моето срце е полно со добри намери.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Сето ова пространство цела ноќ е полно со луѓе.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Имаше една книга од Роналд Сирли наречена „Женскиот приод”, со цели серии на стрипови за Убавиците на Св. Тринианс, женско училиште полно со деликвенти кои меѓусебно ќе се избодат со ножици.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Грлото ѝ е полно со солзи, па не може ништо да ни рече: нѐ стиска и нѐ гушка.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
На прво место Митра му се бендиса како жена. Спротивно на испупчените усти и заби на Ката, Митра имаше усти како кутивче полно со два реда прави, бели бисерни заби.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Тоа ќе бидат убави денови, исполнети со работа, скитање по околните ридишта и кории и смирување во долгите зимски вечери, покрај огништето полно со жар, покрај саканиот старец кој ќе има можност да се изназборува за сите долги, премолчани месеци во планинската осаменост.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
А сандакот во ќошето е полно со дрва и јаглен.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Неподвижно од немоќта на Еразмо да оди по невидливиот пат на духовното, лежеше на едно место, приковано од Еразмовиот сомнеж во себе, без нималку верба; одвај дишеше, живуркаше полно со желба за живот во очите.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Еразмо се кршеше некаде помеѓу желбата за земска храна, за удобност, за сладостраст и среброљубие – содржина на разјарениот бик кој требаше да се гони, да се вглави и здодевните разговори со сопственото живо битие што одвај преживува, полно со животен сјај во очите, со мрачнина и студенило во душата, со поглед насочен кон височините во потрага по вистинската желба за битисување.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Има мигови кога се плашам да му се приближам на прозорецот: тој се нуди да го подотворам и да скокнам низ него.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Ја премолчуваше болката, а сепак еднаш, додека чекоревме по една улица со ред од диви костени, ми рече: „Сѐ е толку полно со живот, а сепак има мигови кога многу нешта ме повикуваат во смрт.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Евтина светкава дискотопка се вртеше во средината на салата, а кога очите му се навикнаа на темнината, тој виде дека местото е полно со мажи, сите седнати по двајца-тројца во сепареа слични на нивните.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
И за тоа на баба Анча срцето ѝ е полно со радост.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Гладното и полно со болни превивања тело имаше само еден единствен начин за да ја испрати таа продолжена темнина, за да ја превиди и да се скрие од неа, а тоа беше сонот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И оној негов предедо, со една покуса нога, се наведнал и речиси се допрел со своето лице во тврдото, полно со миризба на шумите и на дивината, топло, смрдливо влакно од колкот на мечката, а со своите две раце и со двете нозе тој прво ја исправил стапицата, а после се навалил со целата тежина на своето тело над двете маши од двете страни и ја отворил неа.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
За миг ѝ се стори дека се наоѓа над езеро полно со лотоси.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Од училиштето до овој привлечен свет на книгите, наеднаш тука, во дуќанчето полно со мрачнина во која господари незадоволството на татко му.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Геријатрија и педијатрија Кога куќата ми беше долу педијатрија, горе геријатрија, а живеев во убедување дека семејството многубројно ми е складно и полно со љубов, денот ми беше долг како три, а јас бев исполнета.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И забите му се наредени ко пченица и цела уста, бре, зошто да кријам, цела уста му е некако ко изворче полно со белутраци. Така ми гледаа тогаш очиве.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И кога се скри сонцето, кога се замрачи убаво, војводата го крена ќумбето полно со жарје и со гламни.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Смета дека конечно ја добива заслужената казна затоа што го „напуштила“ семејството толку години порано, кога било полно со проблеми и му требало помош.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Повлекуваше димови од едно големо и валкано луле до половина полно со исушен тутун.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Тоа беше крупно, меснато и брутално; беше полно со интелигенција и со еден вид контролиран занес, пред кој тој самиот се чувствуваше беспомошен; но беше уморно.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Големото лице му го возвраќаше погледот, полно со спокојна моќ.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Пазариштето беше полно со секаков крупен добиток, та одвај ја држеше земјата на своите плеќи Тешко ѝ беше на земјата да ја издржи таа тежина, но уште потешко им беше на луѓето да го издржат жешкото јулско сонце кое уште од изутрина почна силно да пече.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Пелагија клечеше крај неговата глава, го оплакуваше во себе, без глас и без солзи, оплакување што повеќе беше монолог отколку дијалог, всушност не кревајќи ја главата, чувствувајќи со снагата и слушајќи со ушите што се случува во одајата, кој доаѓа и кој заминува, таа му вели на старецот и се надева дека немите зборови што ги пушта во отворените очи во кои сега светот е сведен на таванот, дека незнајно како тие стигнуваат и до оној дел на старецот што уште не е заминат, а и до неговата дебела половина, до бабата Петра, која во мигот го слуша ритмичното вртење на тркалата од возот Ти дедо Костадине ја сврши најдобрата работа така да знаеш ги откорна бегалците од овој батак и ги упати назад во коренот во здивот на дедовците не е важно што ти и јас остануваме тука така ни е пишано зар не така ни било чкртнато да останеме во проклетава рамница за да бидеме дира на нашето талкање оти колку сакаш кажувај му некому дека си бил таму и таму си проживеал тоа и тоа ако не оставиш потврда за тоа како што направи сега ти кога ги напади сите во брегчињата и ритчињата на Македонија а ти остана тука каде што не сакаше да останеш за што јас живата и осрамотената ти сум бескрајно благодарна што ќе бидеме заедно ти во меката кална утроба на земјата јас земјосана калосана врз земјата со тоа што знам дека ти уште сега јуриш да го стигниш возот за да бидиш заедно со твојата благородна баба Петра и внучињата додека твоите коски ќе бидат тука додека еден ден не заминат со мене и не тагувај нема в земји да те положам додека не најдам такво место какво што бараше ти биди спокоен смири си ја душата пушти ја да ѝ биде поткрепа и надеж на баба Петра а ти како што гледаш не си сам не оти јас ти седам над глава туку ако смогнеш сили да ја свртиш главата ќе видиш дека одајката ваша никогаш не била пополна со луѓе отколку сега оти тука се сите што те сакаа ама и оние што те колнеа кога се затвори во вагонот Папокот Корнулов за кои не се знае уште колку ќе останат тука оти се шушка како некои вагони на товарниот колосек се полнат со секакви шејови тука е и Друже Србине кој се радува што не си замина со другите мисли дека барем овие што не се заминати ќе останат со тебе и да знаеш мислам дека е во право зашто еве јас ќе бидам тука Танаско децава школнициве цела година ќе се ловат по широкиве и празни улици! сака да го продолжува својот монолог ама одајчето е полно со тела и врева и таа не си ги слуша мислените зборови, мислата ѝ ја запираат, ѝ ја раскинуваат.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Потоа ја запече малку сланината, ги нафрла во тукот колбасите и, да се покаже пред новата јатрва салам домаќинка, стана, извади од вратките на ноќвите едно грне полно со јајца и удри да крши врз колбасите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, - тамам за рана на штрковите.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Се сеќавам како во градскиот автобус ги броев станиците до дома, стискајќи го кесето полно со книгите од чичко Раде.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Сите беа мокри од пијачките што се истураа врз нив. (извадок од Понеделник, 2 Јануари, 1978) Кога 1989-та година ги објавија Дневниците на Ворхол јас едноставно морав да ги имам.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
И тогаш сите отидовме на едно место наречено Леден дворец на 57-та и шестата улица.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Местото е полно со лезбејки и проститутки.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Тоа ти е, како да ти речам... Го гледаш небото полно со ѕвезди и си одбираш една, ја гледаш, ја гледаш и си мислиш дека е само твоја и си мислиш дека ќе ти донесе голема среќа.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Кафулето врз една тераса му се виде привлечно, но кога се приближи, виде дека е тоа полно со џагуриња и безделници кои не можат еден од друг да се чујат поради прегласната музика што се сведуваше на обична ропотеа.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Малечката Пелагија сериозно чекори меѓу нив двете, ама дека срценцето ѝ е полно со радост кажуваат нејзините очи исти како сината срча на небото кои ту се лепат на одвај видливата насмевка на мајка Перса, ту на сериозното лице на мајка ѝ која како да води некој безгласен разговор во себе.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Така и правев, мила сестро. Прв пат ми се враќа и не ми е мака, туку срцето ми е полно со радост, белки е вистина ова што го пишува на пакетот: ослободен !
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)