Може и обратно, се разбира – секоја умирачка во Венеција да се смета за нов почеток.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Отспротива има и такви кои си ги негуваат седите бради, арно ама, тие севезден лелекаат оти само Македонија немала цар во прогонство, севезден прикажуваат за книги што други ги читале и севезден им е подобро отшто на другите им е полошо.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
ЉУБИ, ЉУБИ КОГА СИ ВО ЉУБЉАНА љуби, љуби кога си во љубљана трипати љуби еднаш број кога си на тромостовје љуби на куб, љуби трипати на куб љуби, љуби шестпати по шест љуби колку што можеш да испиеш кригли пресно лашко во гостилницата шестица на улицата која до вчера се викаше титова замижи машки и љуби, љуби кога се качуваш со лифтот на врвот на неботичникот во центарот на градот којшто мижи кога љуби и кога ќе отвори очи цел живот ќе игра мижитатара љуби, љуби кога си во љубљана запни како кога се дава вештачко дишење уста на уста и ич не бери гајле што те сметаат за заостанат во развојот љуби, љуби кога си во љубљана и кога бараш ново скришно место за љубов иако има многу корпи за отпадоци ти сепак фрлај ги зрнцата од љубење по улиците за да знаеш по кој пат да се вратиш љуби, љуби кога си во љубљана овде никому не му е особено важно каква боја мирис и вкус има љубењето а не е во план и изградба на музеј на модерното љубење во кој ќе гори заборавено а ѓоа вечно оганче што ќе го подгрева здивот на засипнатите славеи а штом ќе нема музеј ќе нема ни модерни гатачки пред портите на музејот кои низ дланка ќе ви буричкаат низ иднината на љубењето како надминато минато љуби, љуби кога си во љубљана и ако цапнеш во некоја дупка на млечниот пат по кој се пентраш до емона речи си пу-пу машала ќе си најдеш ново љубење а на врвот на ридот секако ќе ги најдеш прешерн и неговата јулија како сркаат врел планински чај и на љубопитните им шиткаат бројаници од бакнежи и од мигови колку мигови трижпати повеќе бакнежи сите да ти велат ти да не веруваш ама така се рекло и нека биде така како што се рекло дека лично прешерн излеан во бронза крај тромостовјето севезден им врти грб на старите и штрби баби тадури и и’ го плазел јазикот на тишината како оној разбушавениот ајнштајн кој си го изгорел јазикот баш во хирошима и нагасаки којзнае дали тоа го рекол баш ајнштајн ама љубел не љубел времето си врви љуби, љуби кога си во љубљана љуби без наситка остај си малку време да се сликаш пред магистратот со лидија димковска и алеш мустар кои рака под рака влегуваат во мирисот на секое цвете и растат, растат миризливо љуби, љуби кога си во љубљана и да папсаш утре пак ќе ти се љуби љуби, љуби кога си во љубљана и имај на ум дека никој не знае што носи утрешниот ден и дали баш ќе биде нов ден ново љубење љуби, љуби кога си во љубљана и не заборавај дека си на запад, во европа каде што денешната работа никогаш не се остава за утре.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Деца како деца: на едни севезден им течат лиги од добрина, други веруваат дека среќата се извлекува со рибарски мрежи од океанот.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Ако се разбудев порано тоа утро во Венеција и ако го фатев првото вапорето, тогаш ѓоа ќе го видев Шекспир како окапува броејќи ги вековите на плоштадот Свети Марко – чекај да намине некој поасолен млетачки трговец, чекај да го отворат кафето Флориан, па чекај уште во него да намине Томас Ман, па заедно да го презираат оној Езра Паунд, ем да го презираат ем да го ценат, и најнакрај на Осја Бродски да му покажат како зиме целиот град може да се обвитка со едно ќебе, иако овој ги прашуваше нешто сосема трето – со кој брод тој, Бродски, може да стаса до островот Сан Микеле, оти беше чул од некој шерет Бродски, дека убавината е најтешка на Сан Микеле, потешка и од дождовите што севезден им ги стежнуваат соништата на стаклодувачите од Мурано.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)