ако (сврз.) - по (предл.)

На мудурот и другите Турци им турија од кокошката, но бидејќи тепцијата промириса на „домус", и како што рекоа они оти се вечерани, и дека дошле само на муабет „да поминит, зарем, времето", се напија уште по една ракија, ако по вечера, и станаа та си отидоа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Од дотука реченото се гледа: прво, оти ако по нашите сегашни етнографски сфаќања на Балканскиот Полуостров, особено на централниот и југоисточниот негов дел, т.е. во денешна Србија, Бугарија, Тракија и Македонија имало и има само две словенски етнографски единици – српски и бугарски народ, тогаш тоа уште не значи дека нема, немало и не може да има друга словенска единица, а напротив, дека нејзиното постоење е во пределите на возможното и на реалноста; второ, дека во Македонија нема две јужнословенски народности – српска и бугарска, а напротив дека во неа има само една народност со свои особини, коишто или претставуваат нешто оригинално што се нема ни кај Србите ни кај Бугарите, како што е, да речеме, со многу особини на македонските наречја, или нешто што се има и кај Бугарите и кај Србите или коешто се има само кај Македонците по краиштата на нивната татковина и кај Србите, или пак по нив и кај Бугарите, и дека од тие особини на Македонците, како дел од словенската група народи, најмногубројни, најраспространети, заеднички за сите Македонци, значи и најважни се тие особини со кои Македонците се одличуваат од другите словенски народи: по нив Македонците фактички составуваат одделна и самобитна словенска народност, иако за неа денеска не се зборува во науката и во секојдневниот разговор; трето, дека причината за тоа игнорирање и затемнување на постоењето на македонската народност се крие во постоењето на името „Бугари” во Македонија во етнографско значење и во експлоатирањето со него од страна на Бугарите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во Пансионот на видно место стоеја и Правилата за однесување со кучињата во кои пишуваше: „На секое куче треба да му се почитува правото на природен живот; не смее да се злоставува и да му се нанесуваат физички и психички болки; секое куче има право на заштита и нега; треба да се сака такво какво што е, зашто тоа не е во состојба да бира сопственик, а сопственикот го бира него; ако не чини, треба да му се помогне да се поправи, а не да стане жртва на лошото однесување и изживување; не треба нетрпение и брзање веднаш да се научи на сѐ, ами треба да му се даде време да сфати што се бара од него; не треба без причина да се разлутува или казнува, зашто и тоа може да изненади, да врати; првиот удар тоа го простува, зашто мисли дека е случајно удрено, по грешка, но ако по втор пат го удриш, сфаќа дека е намерно и тогаш ударот ти го враќа со уште поголема мера и те замразува со сета своја душа; тоа најчесто е само и нема никого освен тебе: разговарај почесто со него и самиот ќе се изненадиш како те разбра; љубовта со љубов ти ја враќа; и тоа, како и човекот, има своја судбина: не придонесувај да му е тешка; ако остари, ослепи или оглуви, ако стане неподвижно и остане без заби помисли дека тоа може и тебе да ти се случи, зашто староста е иста за сите; не однесувај се кон него како кон некој обичен предмет, зашто кога ќе го изгубиш, ќе видиш колку е жално; испрати го на неговиот последен пат и размисли дека секоја смрт, било таа и на животно, е загуба за сите: еден живот помалку на земјата”.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
„... Можете да добиете социјална помош, ако по вашата смрт, одајчето во кое живеете, ѝ припадне на општината“.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
И ако по многу, многу години наврнеше голем снег, бргу стануваше валкан, грд. Окопнуваше и долго го држеше градот замрзнат, заробен... ***
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Стравот повторно се всели дома, во Козар маало, ако по она малку надеж, помисливме дека нѐ оставил.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Со раскинувањето на договорот двете страни се ослободени од своите обврски, освен од обврската за надомест на евентуалната штета (чл. 121, ст.1 од ЗОО).
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Ако по склучувањето на договорот настапат околности што го отежнуваат исполнувањето на обврската на едната страна или ако поради нив не може да се оствари целта на договорот, а во едниот и во другиот случај во таа мера што е очигледно дека договорот повеќе не им одговара на очекувањата на договорните страни и дека според општото мислење би било несправедливо, да се одржи во сила таков каков што е, страната на која ѝ е отежнато исполнувањето на обврската, односно страната која што поради променетите околности не може да ја оствари целта на договорот може да бара договорот да се раскине.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)