Што всушност се случило? Во таа состојба на опиеност, во која ниту сум бил на небото, ниту на земјата, во мојот облак светлина (никогаш од тогаш не сум ја видел таа светлина, а копнеам по неа; ќе ја видам ли уште еднаш, макар и во некој друг живот?), сум дошол до Луција, и мислејќи дека фантазирам за себе и во себе, сум ја изговорил целата фантазија, во два гласа, машки и женски, пред неа и пред нејзините другарки, што предизвикало општа смеа.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)