На така доживената поетска материја, на мотивот, на душевниот и духовниот поттик на овој циклус укажуваат неговите стихови и податокот дека песните означени со броевите 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 се првите напишани песни пред педесетина години, непосредно пред мојата прва книга „Дождови“ (1956).
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Или, зарем ако немало ништо, ќе ме прегрнеше тогаш, во фискултурната сала, под разбојот (макар и од бес да ме прегрнала); зарем ќе се согласеше да стоиме така пред сите, пред целиот клас, два долги мига, бескрајни секунди, лице во лице (носевите речиси ни се допираа); и зарем ќе ѝ речеше на својата најдобра другарка (која беше, за среќа и моја другарка, и како што бидува обично во тие младешки години – беше поштар меѓу нас двајцата), зарем, значи ќе ѝ речеше дека песната од први клас сѐ уште ја чува, и дека не прочитала ништо поубаво до сега од таа песна, ама дека не може да се согласи дека девојката опишана во песната е таа, оти таа, Луција, е лоша, грда, недостојна за таа песна; и зарем ќе ѝ речеше на таа девојка дека ја загрижува тоа што од првиот ден во првиот клас веќе не сум ѝ напишал песна, и дека не знае зошто е тоа така?
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)