Да одиме, ми вели Анастас. Кај ќе одиме, му велам, во таа голема и жешка земја.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Жабе и натаму џвакаше јатки од млади ореви, гласовито зборуваше дека во светот се вади жива вода на сто метри длабочина, понекогаш и жешка, рацете, вели, да си ги изгориш, а Паско Бачо, како човек кој не чувствува потреба да бара прецизна причина за да каже нешто кое не мора да е во вистинскиот контекст, па уште и со некое спокојство, се сврти кон мене: „И така, Симон“, вели, “во 1956 година, дури се копаше вака каналот за наводнување Камадаречко, беше среда, 21 септември, дванаесет и десет или дванаесет и петнаесет часот, не ме фаќај за зборот...“
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
...затоа овие текстови настанати колку што е можно повеќе во процесот на сопственото ослободување од дистанцата ги чувствувам како разоткривање на мојот пат кон новата проза па ја молам почитуваната редакција да ги прифати како мој предлог во поттикнувачката дискусија што започна да се води на страниците од вашето значајно литерарно гласило... искрено свој, зошто ги сакам кроки цртежите или како да се претрча тревогата од разделбите ...сочноста на зрелиот плод впиена во белината на хотелските соби сокот од нутрината излиен попатно танц фигури во постелината во воздухот допира против вечноста летот на недопуштената цигара кон езерото жарот и водата во неподносливоста куса и жешка средба...
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)