4. Трагикомедија
Оживи ја, словесно и складно
блажената насмевка, дамна исчезната
во истиот овој театар, Вишна Ведо
зашто нема спокој спознавачки
ни комичен ни трагичен
помор кајшто има, кобна кома
зашто комедијата не ја спасува земјата21
погром кајшто има
„зашто немам надеж, зашто надеж нема“22 да се врати мирот, таму кајшто култ е
на истребувањето слободата
таму кајшто омразата збувнува
како шумски пожар
на планински ветер и
вражји Уууххх
а нам ни треба смисла за стварност
и како да ја издржиме,
Божице!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ја гледав како прв пат да ја гледам: нозете ѝ беа необично долги и складно пополнети, со правилни облини кои повторно го раздвижија кај мене за миг замрениот механизам; првин морници ме полазаа по снагата, а потоа бран топлина ме облеа, како плиснат пламен од градите кон лицето, на челото, по темето; се испотив и речиси во истиот миг потта ми олади, се здрвив.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)