2. Долниот свет
Не оти сме слепци
туку од што сме се одвикнале
да гледаме блиску пред себе
невешто се движиме
со стап вперен напред и
пипкаме:
да не би да наидеме на змија, мудро немушта
да не би да најдеме габа, солза радосница
оти со години гледајќи далеку
ни отапеа сетилата
за светот тукашен
па само некоја разорена
и во мислите насетена
ко привидение, стварност
се тетерави без престан
и бдее
од страв да не исчезне
ако се успие!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
16. КОГА Е В ТУЃИНА И СОКОЛОТ ГО ВИКААТ ВРАНА - не оти на туѓинците со јазик неразбирлив им грачи, туку оти со крилјата поткастрени тој таму и станал но бела врана на другите птици јајца да им квачи...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
Јас што дојдов овде, штрк, не оти сакав да бидам штрк, ами клетвата од татка и од мајка ме фати, што не ги слушав како врапчињата Сиве и Чуле.“
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)