Климакс Некаде прочитав дека само невоспитани деца поминуваат низ тежок пубертет. A прости, необразовани жени тешко поминуваат во климакс. Aма и за споменатите, и за другите, сепак, тој има заеднички симптоми: - силни врелини кои ве обземаат одеднаш само во одреден дел на телото,како да го печете во рерна или го дувате со врел фен, - капки пот што по линијата на веѓата се спуштаат по рабовите на лицето и буквално капат додека стоите во автобус полн со луѓе закопчани до грло во топла зимска јакна, - отсуство на желба да бидеш интимен со некого, па дури и со љубовникот,а за со мажот ич да не зборуваме, - силни налети на нервоза, во која трчаш низ куќа и бараш некого буквално да го изедеш, - чувство дека си болна од сите болести што ги прележале твоите пријателки и дека ги имаш истите симптоми на сите епидемии, птичји, свински, грипови, грутка во грло, јазол во желудник, срцебиење, камен во бубрези, тиња во жолчка, - потреба од „шопингување“ на енциклопедии за здравје, здрава храна, вежбање пилатес дома и во друштво, - отсуство на секаква желба да одиш по гости, а уште помалку некој да ти дојде, - убеденост дека си најпаметна, - ама и потреба да се биде зајадлива, џангризава, самобендисана, лоша, злобна и одмаздољубива За среќа, ова трае само десетина години и, кога ќе помине, сè се враќа во нормала, освен некои небитни промени: мажот си заминал, а не си ни забележала, децата не заминале, останале, ама ти се лути до смрт, а ти повторно со истата сила и енергија како од младоста, се трудиш да им угодиш во сè, ама нема „feedback“.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Не го ни забележаа професорот, кој излезе од својата работна и лежачка просторија, како вратар на целата барака, и се претстави со сета своја должина како кускуле.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Откако тетка Олга од другата страна го грабна телефонот, очигледно алармирана дека некој се јавува од странство, и покрај тоа што не стоев блиску до мајка ми, можев да го слушнам целиот разговор, од причина што и тетка Олга врескаше како да се довикуваат со братучетка ѝ од едниот до другиот крај на огромно поле.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Бидејќи речиси и не ме погледнуваше, воопшто не ни забележа како од нејадење и неспиење за една недела се претворив во бледа вреќа коски.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)