амам (м.)
Потоа тука е амамот во кој таа го капе братот...
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Леси се случува како и сите видливи појави: арапскиот ресторан на четвртиот кат во испразнетата зграда, голтките топол пијалак од шарената шолја извалканиот кафеански чаршаф, онаа жена во кафеаво палто и со долг бел шал врз него, која го припила до себе своето дете сред уличниот метеж, тркалезната купола на амамот, запрено во мигот пред тресок.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
На плоштадот, под дивиот костен, на влезот во уличката кон Главната пошта и амамот, чистачот на чевли Кадрија, откако ги напика кај глуждовите картончињата за да ми ги заштити од боја чорапите, ја крена кон мене шеретската насмевка.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Амам: промена на смислата
Не кога ќе влезеш
и кога ќе те заплисне врел
и непроѕирен воздух
не кога ќе те поклопат
капките разлеани по ѕидовите
реата, мермерот, мрморењето
не кога ќе те обземе вртоглавица
зашеметеност од празнината
на амамот, полна пот, плот и пареа
не кога ќе те погоди како отсјај во сон
светлината подадена низ розетата
дозирано, од високо
не додека студеното сонце-иње
од карши ги облагородува
дрвјата, релјефите, порталите, фасадите
на сараите
туку
кога ќе потонеш гола во гротлото
ко крвава рожба во исцедокот од водолијата
тукушто прсната, за да може
да се слизне низ пенџерето
на животот
(на)право во царството на немилосрдноста
кога збунетото тело ќе помисли
дека секое друго место е подобро
ама ќе остане и понатаму - таму
без да се помести
кога ќе ја осетиш жешката вода како оддалечување
од секојдневието, од агонијата на распадот
(целото е мислена именка, далечно минато)
кога ќе се престориш течен заборав
божји благослов
и ќе му се предадеш на телото мислејќи
си ѝ се предал
на психата
егзотичното прелевање на смислата
сѐ додека не се претвориш во
прелив како таков
кога ќе се испреплетат значењата
едни со други
и ќе се испретурат во кошницата
на светогледот
а ти ќе тргнеш во потрага по
почетокот
кога ќе сфатиш -
Бизант е капија во темните агли на памтењето
цела епоха е втисната како анатолиска крпенка
во обичните зборови од твојот мајчин јазик
во интимата на јазикот
и се спровира низ капијата
кон одаите и спалните
дома
кајшто по извесно време
по извесна стварност
потеклото се заташкува
сродството се изобличува
јазикот има свои потреби
како и телото
сфаќаш и тонеш во без-сознание
зад јазикот, отаде
нека почека
ако те чека ...
Истанбул, декември 2003
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Од едната страна екранот, мароканската жега, пареата на амамот, а од другата страна здивот на Симона некаде на околу едно метро в косо поназад од мене.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Вечер да одиш на амам, да се истриеш.
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Сепак, не е толку лошо: можам да пишувам, крепејќи се од време на време со чајот и погледот на амамот.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Пишувам уште една приказна, или писмо, за љубовта. За мене, набрекнато кубе на Даут-пашиниот амам го преполнува речиси целиот прозорец.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Запре уште на зборовите, кои можеа да имаат привлечно и провокативно значење како: тас, поголем или помал сад во зависност од намената, за црпење вода, за капење во амам, дел од вага и друго (од арапски tas); ѓезве, специјален мал сад за варење кафе, обично со количина за една чашка кафе, но постоеле и поголеми ѓезвиња.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Помислив - тој е задужбина на нашиот големец Исхак-бег, голем амам е, воздухот таму е пријатен, ѕидовите не се потат, нема влага - ајде, нека оди!
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Еве во Охрид, сарајот на пашата е сосем долу, крај езерото, убав е, има преку триста простории, со амами, со аули и дворани, разноразни малечки соби.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Во право си, пријателе Камилски, Книгата на патувањата на Челебија ни го враќа од митската меморија на Скопје изгубениот XVII век, ни ја опишува истава чаршија низ која чекориме, маалата кои опстанале во остатоци, тврдината Кале, Безистенот, Камениот мост, џамиите, амамите, приспособени на денешни потреби...
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Го помина камениот мост со неговите четиринаесет свода и со двата гроба отстрана на неговите градители, и токму кога се загледа кон многуљудната врева кај Даут-пашиниот амам, пред него, пак поради некаква важна случајност, застана чуварот на мостот и му се загледа со лутина в лице, небаре Ибн Тајко имаше скриена намера нему, кој се грижи за мостот и за неговото одржување, на некој начин да му наштети.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Даут-паша објавил дека го затвора амамот, наместо да лелека врз потрошените пари. Зошто?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Вториот вторник, за да го потврди тоа, дојде пред амамот од неговото отворање.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Во Сарајов имаме десет амами, ама таа нели со придружбата сака во вторниците да се капе во Чифте-амамот? Женски муабети, кркотења, и такви работи.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Но, кога кожата на Атиџе се смири, го повлече црвенилото и под наборот го подаде младиот и тенок слој на голуждраво птиче, па кога Атиџе ги поврати своите стари навики, одејќи со придружбата секој вторник на капење во Чифте-амамот, а бегот него штедро го награди и го испрати назад во Блатието - тој секој вторник, зиме и лете, напролет и наесен, дојден во градот како пијан, се гледаше себеси како цупка пред амамот, чекајќи таа да се појави и само малку да го потргне фереџето, божем ветер го сторил тоа.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ама, кога и тогаш Атиџе не се појави, стрештен си помисли на три работи: или таа си игра со него и се кикотка зад фереџето што не го помрднува, преправајќи се дека е некоја друга, колку да види до каде достасува неговата верност и приврзаност: или бегот ѝ забранил да доаѓа повеќе во амамот, зашто ѝ кажал дека ја открил: или пак таа не иде во амамот зашто е навистина болна.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Тој, „штедриот и милостивиот Мустафа-бег”, како што стоеше во документот, „пред светлото и чисто шеријатско заседание, го изведе тужениот брат Иса-бег, гордоста меѓу заповедниците, сопственикот на големи знаења, мајданот на милоста, гордоста на државата и верата, и против него кажа дека целата задужбина, имаретот и медресата, и двата амама, селаните и книгите, зградите, нивите и бавчите, дуќаните, и сето друго - нему и на неговите браќа Иса-бег и Паша-бег им останало како заедничко наследство”.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Петре, ибн Бајко, иако манастирот беше, што се вели, не само близу туку поблизу и од трепката до окото, веднаш спроти Скопје, над реката Серава, а на ридот што се вика Вергин, одвај дочека да го пратат на панаѓурот со манастирските чоеци, па да слезе во градот како што тој милее, да слезе и да го разгледа градот што ти имал сто и дваесет чешми и сто и дваесет џамии, над четириесет меани и маала, себил анои и амами, за кои беше многу слушал.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)