атер (м.)

Може ли таа за атер на Бугарија да ги навреди другите балкански самостојни православни држави, чија самостојност е извојувана со руска крв и со руски пари и да ги направи тие држави да се одвратат од неа кон другите западноевропски држави и да се направат во нивните раце орудија насочени против Русија?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Значи, при современата поставка на македонското прашање, ние очекувавме за наш атер Русија со свои непромислени постапки да се откаже од нејзините интереси на Далечниот Исток и заедно со тоа да претрпи пораз на Блискиот Исток.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Татко ми, дедо ми, предедо ми, ако се викале поради недоразбирање Бугари, тоа уште не значи оти и јас треба да сум како нив во мрак за мојата народност; ако се викале тие Бугари, тоа не значи оти ние ќе треба да престанеме да им веруваме на Русите за атер на разни Стамболовци и Свирчовци, наместо заедно со нашата пролеана крв ние да си го бараме правото од каде што треба, да допуштиме да ни се бркаат во работите луѓе што и самите не знаат што бараат; ако се викале моите дедовци Бугари, уште не значи дека јас имам право да ги експлоатирам македонските интереси со издавање весници, кои наместо да ги бранат интересите на нашиот народ – ги бранат бугарските и интересите на бугарскиот кнез.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Требаше за атер да испиеш една чаша вода!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
А, кога ќе се роди, татково име да носи. Ќе ѝ биде на мајка атерот.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Исто така, можеби руските конзули ги заштитуваат српските интереси во Македонија, не за атер, ами едно, зашто и Србите како и Бугарите се Словени, а друго, зашто Србите поарно ги имаат разбрано и знаат да ги бранат нивните интереси.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Бугарите го поддржуваа повеќе, зашто нивните интереси тоа го бараа, а не за атерот наш.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Еве што се случи понатаму: кога во Бошка остана малку вера дека ќе се спаси од Лумана и покрај готовноста на Дика за атер негов да рече некој збор, во одајата влезе некој од момците и рече: - Чорбаџи, ефенди Луман доаѓа!
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ама јадеме сосила, се мачиме. Мораш! Атер за мртвите. Ако не јадеш ти и тие не ќе јадат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И после кога стана и тргна со нас, се однесуваше како божем за атер да доаѓа.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
– „Силјане, му рекол Аџијата, при сѐ што те милувам многу, атер нема да ти остане, нема да седиш во моево седело, ами ќе си седиш на другиот крај на куќата, чунки нам ни е седелото домаќинска постела.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Кога ќе му дојдеа пријатели дома, ќе им речеше ѓаволесто: „Денеска не мислев да пијам баш - но ќе се кандисам за атерот ваш...“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Што е право, тоа од атер за татко ми, со него Ризван бег беше бил во пријателство.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
АРСО: Јас на човека главата му ја кршам, атерот не му го кршам.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Камилски инсистираше на посебната условеност и поврзаност на атерот и севапот, макар семантички антиподно поставени, потоа и на постојаната актуелност на рушветот и калаузот кај Балканците.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
ТЕОДОС: Ами, не турам јас за атер во мојата уста од секаква рака!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Беше очигледно дека Камилски ќе ја исполни нормата на денот продолжувајќи да ги толкува и останатите заемки севапот, атерот, аирот и ксметот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
На инаетот, севапот и атерот истакна Камилски би можел да се надоврзе зборот аир, со потекло од турскиот збор hayr, а тој од арапскиот khjr`un.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
- Ништо. Не пијам. - Пушиш, а не пиеш. Не оди тоа. Ќе се напиеш нешто за мој атер.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Заклучувајќи дека касметот има универзално значење, дека дури и самото создавање претставува обликување на судбината, Камилски предложи и овој збор да им се придружи на претходните од истиот круг (инаетот, севапот, атерот, аирот), чинејќи посебна целина и означувајќи постојано присуство во балканскиот менталитет.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе