бездруго мод.

бездруго (мод.)

Јас можам да ѝ пишам на сестра Хазбије и да ја замолам да останеш овде, таа бездруго ќе се сложи!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Седел со пушка на коленици и наведнат, некако чудно и длабоко под превезот на свои тајни, што бездруго не можело а да не се поверува дека веќе и не сонува да ѝ стане чауш на дружината ако некогаш некој занес го подбуцнувал кон таква славољубивост.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Али Фети, држејќи ја запалената пура, во еден миг му се обрати неочекувано на својот внук, оддалечувајќи се од претходната тема, која оставаше да ја продолжи во некоја друга средба: Ти, синко, бездруго имаш свои планови, да ги продолжиш студиите во Цариград?
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Стравочудебното село било куп човечки седалки од кал и со сламени или 'ржени покриви, некои од тие куќи дури и без прозорци и бездруго однатре со залостени врати зад кои ноќе над заспаната челад бдеел домаќинот со секира, со вила или со прешилест чекан за кршење камен ослушнувајќи ги шумовите и стрелушејќи се од душите на мртовците и од арамиите или од организираните одметници на распашаните глутници на башибозукот и на аскерот што станал безредие во безредието на пеколот ширум по вилаетот и исто толку по осоговските масиви на кои некогашниот деспот Оливер мислел дека ќе е исто толку вечен колку што е и господ во заблудените срца на луѓето.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Шефот на протоколот бездруго беше во тек со содржината на пораката, но бараше некаква потврда со која ќе ја потврдеше и мојата вредност.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Бездруго, македонските маси со поголема радост ќе го прифатат гледиштето на македонските националисти што проповедаат Организацијата да се претвори од револуционерна во еволуциона. Како таква ќе може легално да работи во Турската Империја.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
А железницата јуреше низ темнината со најголема брзина; за скок не можеше ни да се помисли – при таква брзина бездруго би се разбиле на камењата крај пругата.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Бездруго, пропаднатата петиција за затворање на диското ги оставаше соседите со глави да тропаат по ѕидовите, или можеби навистина тропањето ми беше наменето мене затоа што не правев доволно силна бучава како онаа на која навикнале.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
По земјата имаше послана куп свежа слама, на испреплетените гранки горе на покривот стоеше закачена лејка за вода, останата бездруго уште од полјакот и ништо повеќе.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Но за жал бев свесен дека не располагам со многу податоци што бездруго ќе ја збогатеа таа вистинитост.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
86. Оние карактеристики кои Мисирков ќе ги повтори и кон крајот на својот живот бездруго се однесуваат на бугарските студенти во Русија, кон кои беа приклучени и некои Македонци коишто навистина беа во поголемиот број опфатени од социјалистичките идеи и, според тогашните сфаќања, се однесуваа прилично нихилистички кон националното прашање воопшто.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Мисирков бездруго со право бил револтиран од практиката на ТМОРО што се служела со бугарскиот литературен збор во својата дејност, како и од активноста на некои егзархиски учители што толку ревносно го воведувале тој јазик во македонските средини. 156.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Одеднаш, во еуфоријата што нѐ обзеде пред девојчињата (цело време погледнував дали е тука Луција, но неа ја немаше; утеха ми беше што тука беше нејзината најдобра другарка и јас претпоставив дека таа бездруго ќе ѝ пренесе што видела), додека Земанек лудуваше на мотоциклот, крај оградата на патеката видов скала: обична скала со која се берат јаболка.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Требаше да го стасам и бездруго да му го покажам истетовираното срце на мојата рака.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
И токму таму и тогаш, поради фрагментарноста на зафатот, поради недовршеноста, недореченоста и свеста за отсуството на целината, поради тоа сознание, бездруго, се повлече раката, запре толку саканиот ракопис.
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Вреди ли уште да пребарувам по тоа што сум го пишувал или да останам рамнодушен на провокациите, кои бездруго беа поврзани како во верижно коло со други, трети прашања, кои неизоставно ќе ми бидат поставени во текот на патувањето.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Такво какво што е, да го прими таа еднаш како свое, да се соживее со него, како со даденост неразделна и дел од сето она што го осмислува животот, бездруго и пред неа ќе се раскриеше онаа неизмерна убавина на многувиденото, напнатото и страсно завојување на никогаш доволно неискористеното и никогаш несвршеното секојдневие! Барем тоа...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тоа августовско утро во Прага на балконот во зградата отспротива видов угул гола жена како до бесвест танцуваше врз остатоците од ѕвездениот дожд надевајќи се бездруго дека кога и да е ќе згрми и дека ќе зграпчи барем една светкавица.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Можеби и ги стискале клепките иако можеле да догледаат дека низ порабен облак се покажало крајче зимурлава месечина. Бездруго со изѕемната муцка на бескуќен никаквец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Командирот и заменикот на првата чета ги оставија раниците, па сметав дека бездруго ќе се вратат. Тоа беа нечисти раници и празни.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Повеќе