бел (прид.)

Последната мајчина рожба виде бел ден со помош на старата Русинка, нашата прва сосетка која живееше со своите двајца синови.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Вакви ведри очи има таа и ситно бело лице.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Надвор е студено. Стаклата на прозорците се покриени со иње. Бели се и преку нив ништо не може да се види надвор.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
- Доброутро, здраво-живо! - поздравува врапче сиво. - Доброутро - поздрав врел ви испраќа гулаб бел.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Погледнав тогаш во машината, и го видов воврен во валјакот белиот лист, со последната реченица напишана на него: „Мислата на бунарот ми стана принудна“.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Лист по лист грам по грам во муграта видов нов наркоман од темни зори трава тој витка до бели мугри жарчиња џитка
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Настапи ритмичката секција - девојчињата во бели и црни трикоа.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Кога ќе ве ослободам, ќе ги видите ледените скалила што водат горе во белиот свет.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Оние на кои им значи огнот со време ги курдисуваат срцата на забрзано чукање и пред да го започнат почесното сркање на новите страсти кришум прегрнати среде бел ден севезден дуваат во мангалот на Хипократ и ги разлетуваат како диви гулаби скриените жарчиња од кои се ројат палави светулки за новите ноќи.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Кога го видоа белобрадестиот патник, тие, Ескимите, голи и боси, како родени од мајка, се накупчија пред санките, а најстариот – со мустачиња и брада од петнаесетина влакна, се исперчи пред сите други: - Ви велев ли катадневно дека еден ден ќе ни дојде небесниот господар, испратен од белото небо?
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Тој отпрво, зафатен со работа, не го забележа, но кога го виде зачудено ги покрена окалките: – О-хо, нашиот водоносец! – извика командантот весело, бришејќи си го со чисто бело шамиче замаглените стакла на окалките. – Каква чест! Седни.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Просто, му се раздроби и ќе му препукнеше до колку не праша: - Целиот бел север го испросанкав, многу видов и превидов, ама ваков панаѓур, волку убав свет, не сум видел ни насоне.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Носеше на себе многу свечен зелен фустан, со бели манжетни и бела јака, црни лаковани чевли и црна чанта, а и косата ѝ беше посебно убаво направена, црна, со убав сјај.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Се состои во тоа со помош на специјални прожектори, среде бел ден, па и на најголемо сонце, по небото да се испишуваат пропагандни пораки со букви големи 400 метри!
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
На асталот во трпезаријата секогаш имаше беспрекорно чист бел чаршав и салветки кои беа ставени во специјални држачи направени од сребро и коишто имаа форма на мали обрачи.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Жената ми ја грее бањата, ми постила бели чаршафи и, едно за едно, ми кажува, се лесни: ние сме кавкаски Грци, вели, ама 38 година нѐ иселија ваму.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Нешто ме глочкаше на папокот, и јас ја кренав маицата: видов дека на мојот папок стои црниот пајак од младоста, брошот на мојата баба; Јан Лудвик, очигледно беше дошол од циркусот, од белиот свет, да ми го врати црниот пајак, и откако го беше испил своето питие, ја беше запечатил чашата со пајакот.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Кога ќе си спомнеше на вечноста најмалото пердувче му затреперуваше од среќа и тогаш белиот какаду ќе крикнеше бело среде ливадата на самоубиственото молчење.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Селаните ги симнаа белите шамии од главите Добитокот грозно рика запретан во пепелта на летото И гласот му се престорува во ракопис на дожд.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
На сликата на белиот мермерен споменик, иако многу одамна не беше ја видела, ја препознала својата другарка и не можела да не се расплаче силно.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Повеќе