библиски прид.

библиски (прид.)

Се помирив некако со судбината дека ќе живеам во библиската земја што е колевка на културата, престолнина на многу кралеви и мајка на словенската писменост.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
А се разбира можел да го спомене и библиското јаболко на гревот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Сето ова е обединето во козарска алегорија, чијашто библиска едноставност не ги засенува скриените значења.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Македонија како библиска земја беше седиште на разноразни чујни и нечујни матновидци кои ги исцелуваа напатените и очајни транзициони страдалници со телесни и душевни болештини за кои и медицината дигнала раце.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Таму им беа нивните Библиски гори во кои наизуст ја учеа песната на Суламка: изнемоштувам од љубов, возљубен мој, трчај скокајќи преку ридови и гори и дојди, положи ме како печат на срцето твое за да доизгорам...
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Зад мене беше Манастирот Свети Наум во Македонија, врз чиј црвен ќерамиден покрив шеташе гордо паун со раширени крилја со сите бои на божилакот, надополнувајќи ја убавината на библискиот пејзаж.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Мојата приказна беше иста со таа библиската: Годината,кога во земјата имало голема суша и глад, Големиот пророк одседнува кај вдовицата, барајќи да му меси погача.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Тие веруваат во библискиот свет, имаат блага крв и долго живеат.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не можел да стане јасен, разбирлив, можел да ги трогне со библиска можност за воскресот на сите мртви пред кои живите ќе клечат и во безумен уплав ќе молат да им бидат простени гревовите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И на птиците - еретици, помислувам, кои слетуваат право во пазувите на жените и во нив заспиваат како во библиско горје.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
И сал едноличен шум на стреата како од искони и еден убав мир како пред моите милиони години во библиските шуми додека врне дожд додека чади тревата додека дишам.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Стипцосаната земја, над која пловат зачаденост и црни испарувања на тага, ја ора усвитено железо и ја јалови оган, по нејзините врвици и библиски беспатици јаваат на коњски костури апокалиптични рицари - чумата, поморот, алчноста, бесот:коњските узди се густ сплет на змии, здивот на јавачите е сув ветар од кој и коренот на кровот се суши; зад нив останува трага: дрвени крстови, плочи со камени чалми, несобрани трупишта, урнатини.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Сѐ е суета, ја повторуваше библиската мудрост.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ако ја отворите Библијата, таму ќе ги најдете воскреснатите чеда Божји, меѓу редовите на светите писанија, во земјата своја библиска, како во пророчките сказанија.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
„Тој лом со природата е на страната на жената, а присилната активност на мажот во крајна консеквенца не е ништо друго туку подвоен обид трауматската дупка од тој расцеп одново да се затне.” (Славој Жижек) Антигона, значи, а не фантазмот на библиски пророк, е вистинскиот узор за модерната интелектуалност.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Сеедно, сега знаеше дека тие селани живееле како што живеел библискиот посник. на црн леб и вода, со сурови молитви и сурови пцости за суровиот бог. Леб и вода.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Библиската приказна за Авраам и Исак најпрво била приказна за таткото кој си го жртвува синот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Не ми се верува дека и сега е така во Македонија Ако има божја правда не би требало да е така Зошто инаку би ми кажувале сите дека Македонија Е европска земја во изградба А самите Македонци едно време далдисани Од братството и единството и затрчани по ударнички значки Самите Македонци значи велеа Дека додека трае обновата и изградбата нема одмор А богами начув дека и во последно време Чекореле преродебенички и надградено Иако не разбирам баш точно што е тоа вели Папата Сепак верувам дека еден ден ќе здивне и тој народ Иако никогаш не си начисто со народите чиишто водачи Немаат поумна работа па катаден повторуваат Дека имаат библиски корени Бетер се од папагалите какаду некои водачи на Македонците На кои јазиците им се одамна отечени од извикување празни пароли Ако продолжат така на некои водачи на Македонците Можеби ќе им паралдисаат и очите Од непрестајно гледање во огледалцето од приказните Коешто вешто ја мамело грдата сопственичка Дека најубава на светот е баш таа Така непредвидено ни скршна муабетот со Папата На македонски теми а јас не му кажав ништо за тоа Ни а ни б не реков иако од порано бев чул во близина Некои доселеници како на глас викаат Македонија на Македонците Викаа нешто и за земјата на земјоделците Од што разбрав дека Македонија е земјоделска земја Викаа нешто и за Солун дека бил нивни Ама едни други доселеници викаа уште понаглас
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Да се обидеме да ја дешифрираме во светлината на тој настан: act (чин) може да биде заменет со зборот песна, на истиот начин на кој Гете во „Фауст“ збор го замени со чин; во библиската реченица „во почетокот беше збор“ (песна); во почетокот беше чин; red (црвено) е замена за хомонимот read (читање); ter or треба да се прочита како тенор; epergne може да стои наместо epargne (фр. да се сочува).
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
- Во потопот и вашите болви ќе се издават, претскажувал старецот со вражалски ќесички под очите, едното поголемо од другото како што е поголем потпланински бадем од семка на слива; навистина оние четворица со клокотави грла за малку не умреле од незапирливо смеење, се тркалале по млада трева слични на пеливани што се борат со своите сенки, наеднаш половина дружина да попаѓа од стомачен кикот кога оној Филип Макариев го прашал со детска наивност вториот Нојо што ќе се случи ако нивните болви се удават со него а сите други ако останат во големо корито со неговите болвички, црни и скокливи внучиња со Симон-Наконтикова крв на невидливите цицалки - Ќе се давите и ќе подавате раце да ми се фатите за учкуров, ама - на! завлекол рака в појас Симон Наконтик; капнувале од невидено смеење не знаејќи ги бара ли тој болвите под гаќи да ги стисне в рака и да ги спаси од поројните води што ќе ги покријат и Содома и Гомора на вилаетот или заканувачки сака да им го покаже учкурот за кој со задоцнето јунаштво на машкоста им раскажува нови библиски поглавија; од утробата му 'ртел плач.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе