блескав прид.

блескав (прид.)

И жали што секоја нова ноќ во која долго ги гледа блескавите ѕвезди му станува минато.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Човештвото се одржува благодарение на надежта дека пред него постои блескава иднина.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Супермаркетите, плацевите за половни коли, крчмите што имаа правоаголни прозорци од стакло и тули, блескаво новите автомобили, што беа изложени и можеа да се видат низ прозорците од дебело стакло, продавниците за електрични апарати, продавниците за мебел, цвеќарниците, козметичко-фризерските салони, целиот нов трговски центар, кој брзо се изгради, едновремено со геометрискиот станбен дел од градот на рамниот терен, сите наизменично се менуваа и не му разбудија ни најмала емоција и тој не можеше да ги препознае.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Го гледаа белото блескаво езеро долу пред нив сѐ до малото езеро и мрачните албански планини, ги починуваа очите на зеленилото спрострено под нив, понекогаш ќе здогледаа срна како пасе мирно и одвреме-навреме уплашено ја крева главата да разгледа дали некој не ја демне, а живо задоволство беше кога ќе се појавеше дива коза, една или повеќе.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Го потргнува превезот што го дели широкиот кревет на две половини и гледа во креветот лежи Хера облечена во блескава ношница и со круна на главата како кралица.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Беше во една ќелија со висок плафон и без прозорци, со ѕидови од блескаво бел порцелан.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Околу осум часот, додека го чекав Дагларбеј да ме земе, се шеткав во фоајето со рацете одзади, загледував по излозите на богатите шопови во ентериерот и минував меѓу господата со пеперутки машни и дамите во блескава облека и скапи парфеми.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Погледот му се искачуваше долж огромната разбранета маса на океанот што се креваше и спушташе рамномерно, и големата сребрена круша, што се полнеше со блескави воздушни струи исфрлани од пламеникот.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Со Хегел навистина заврши блескавата епоха на филозофскиот идеализам и сите филозофски идеалисти по него само се голи интерпретатори на она што е дадено од Кант до Хегел; филозофскиот идеализам по Хегел стана излишен и своето огромно филозофско наследство му го завешта на дијалектичкиот материјализам.
„Значењето на Хегеловата филозофија“ од Кочо Рацин (1939)
Неколку ноќи ги демнела стадата и бегала пред пци, извици и блескави гламни.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ја видоа блескавата боја на небото и десет секунди потоа, големата комета што се извишуваше согорувајќи го воздухот, истрелана кон ѕвездите, иташе во огнениот блесок за да стане уште една ѕвезда во ротирачкото изобилие на Млечниот пат.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Има црвен џемпер, темни сомотски панталони и широк ремен со блескави копчиња.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Нема емигрант што не го памети својот прв Божиќ во Новиот Свет: блескави излози со шарени украси со убави предмети со згодни продавачки со мајки и деца со големи ќеси со весели насмевки со дедомразовци што демнат на секој чекор...
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Во една кариера обележана со периодично напуштање на успешните техники и методи на работа, со постојани обиди успешно да се обедини формата со значајната содржина и со една лична блескавост која што често се закануваше да го затемни креативното достигнување, не е лесно да се лоцира адекватниот центар на енергија од којшто целата извонредна креативност се ревитализира самата себеси.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Но имаше еден момент - не знаеше колку долг, триесетина секунди можеби - од блескава извесност, кога секоја сугестија на О'Брајан исполнуваше еден дел од празнината и стануваше апсолутна вистина и кога два и два можеа да бидат три, исто толку лесно како и пет, ако беше потребно.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Била голем талент со блескава пејачка кариера, но при една банална операција на крајници ѝ биле оштетени гласните жици, по што пејачката кариера на врвен солист ѝ била запечатена.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Овие луѓе не возат блескави автомобили, ниту крнтии, ниту камионети со канцерозни и рѓосани каросерии.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
По блескавите, обгорени од сонцето, запотени лица на младите градители, се сливаше пот како мали вадички по сува напукана земја.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Познато е дека Истанбул е милионски град, со вонредно живописна панорама, со море кое завлегло во неговите пазуви, што широки и тесни улички и сокаци со мермерни куќи и облакодери и со дрвени куќарки, град кој лежи на два континента, каде што најрелјефно се оцртале европското и ориентот, град со џамии и цркви и еврејски синагоги, сараите на турските падишаси и султани, со споменици на едно блескаво богатство, на еден раскош и пропаѓање на една петвековна империја, која ја докрајчил стариот и изнемоштен старец - султанот Решад...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Блескавото сонце се беше искренало право над нас на небото.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Повеќе