бос (прид.)

Нѐ тераа да вршиме трње, вели, боси нѐ тераа да трчаме по трњето, вели, оптежи, приврши, те удираат, те дупат, јаго, јаго, а крв ти капе од стапалата, оптежи, приврши, нѐ сакатија...
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Кога го видоа белобрадестиот патник, тие, Ескимите, голи и боси, како родени од мајка, се накупчија пред санките, а најстариот – со мустачиња и брада од петнаесетина влакна, се исперчи пред сите други: - Ви велев ли катадневно дека еден ден ќе ни дојде небесниот господар, испратен од белото небо?
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Да беше ден исто така можеше да се види дека сликата е од едно четиринаесетгодишно дете, босо и облечено во измаслени работнички алишта.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Само што момата бојлер вклучи инспектор дојде струја да исклучи со ладна вода миеше коса мајка ѝ викна да не оди боса Плочките ладни реума влечат ѕидови пукнати треба да кречат татко без пари во возови на влеча а мајка ѝ 10 години во стечај
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Босите нозе и правта се родени негде далеку но соништата ќе слезат и од белиот ѕид.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Превезот на темнината бавно и еднолично се лулееше на нејзината снага и само еднаш или двапати ѝ ги подоткри малите боси стапала по кои како да се беше нафатил румениот прав на залезот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Боса кружи и низ својот од препишува врз песокот сѐ што ѝ шепти езерото: кога исчезнува народот во овој испустен манастир сите стебла есени умеат да се молат небаре монаси.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Градот е брз, градот е хаос полн со урбани легенди лажни јадни безделници што дремат на кафе во полни кафеани со душите гладни Рурални фаци со вратоврски во трка по бизнис и зделки матни циганчиња боси навлечени на лепак дрпаат случајни минувачи и странци
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Жената клекна и ми го стисна глуждот на босата нечиста нога.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Кога си одеа дома боси и голи, тие се заветуваа дека нема да го заборават доброто што ги излекувал свети Димитрија и секоја година идеа на денот да му благодарат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Јас пола свет бос го прошетав да ми светне троа.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
Сакам да го потсетам дека е вљубен и дека само вљубените се надарени да шлапаат боси по водите на илузиите, да негуваат во размислите градини од лажни претпоставки и да донесуваат произволни заклучоци.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
И ми се чинеше дека истото прашање го поставуваат за човекот што стоеше под бандерата сите оние од котлината на смртта од истурените шатори, оние што со наведнат поглед погледнуваа накај столбот, носејќи ги на врвот големите камења по патеката со расфрлени парчиња бодликава жица, тапкајќи по неа со боси стапала, и оние кои папсани ги трпеа ударите со кундаци и челични камшици.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Ви се јавува и сосема заборавена работа, некогаш малечко трнче што ви влегло во босата нога, помните како мајка со игличка полецка го молкне и, за да не ве боли, непрестајно дувка со уста својата душа.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
...големиот закон на природноста наспроти квадрантите промислата наспроти оправдувањето лебедот наспроти кристалот крв слободна од телото се простира пред окото зад извикот таму каде чека твојата сребрена чевличка твојот заден траг... знаците од сонот или сонувачите како алтернативци ...отежната од змиските клопчиња гранките се веднат скоро до паднатите лисја зошто оттаму од живите шуми ме потсеќаш на своите боси стопала јас не сум лошиот родител ниту ти оставеното дете тие чудовишни црнобели слики се сосема предвидлива компензација за отсатноста сонот место допир декорот го бираме наизменично ноќва се моите змии шумите следната ноќ возењето во спротивна насока распарченото тело на асфалтот крваво што го љубиш осветлена во трикото на невина балерина потоа јас летот над градот по ехото на твојот глас па ти појадокот во природа со заборавените заеднички пријатели...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Тропаат на тврдиот планински камен коњските копита, шушкаат опинците и босите стапала на жените, кои загледани во разофканите ранети, се сопнуваат од издадените корења и камења.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
И имало тоа девојченце зла маќеа, која секој ден го испраќала голо и босо по ридиштата, да собира дрва.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Земјата веднаш ја соблече, фаќајќи ја за потпетиците, и првпат боса зачекори по свежата трева и топлиот песок.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Чекори бос по дождовна роса, се радува на лисје со пуштена коса.
„Портокалова“ од Оливера Доцевска (2013)
А босите нозе, како да не ја допираа земјата - лебдеше таа во воздухот и танцуваше во чудесен унес...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Повеќе