вратоврска ж.

вратоврска (ж.)

Градот е брз, градот е хаос полн со урбани легенди лажни јадни безделници што дремат на кафе во полни кафеани со душите гладни Рурални фаци со вратоврски во трка по бизнис и зделки матни циганчиња боси навлечени на лепак дрпаат случајни минувачи и странци
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Луѓето излегуваа како од конференција: мажите веќе олабавувајќи ги вратоврските за да ги одглават штом ќе излезат и да ги испопикаат по џебовите, пред да седнат во маалската меана на вечерна партија табла, карти или домино; жените одолжувајќи го моментот кога нерадо ќе се приберат дома да ги заменат фустаните за излегување со престилки во кујните.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Како ли ми ја врзува женава оваа вратоврска! Како божем прв пат да ѝ е тоа.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Покрај оделото и темната вратоврска, старчето има добродушен лик на престарен вујко и сосема семејно ми ги подава кадифените албуми, што и самите би се чинеле домашни, да не се позлатените букви и везот по рабовите, со кои добиваат нешто неприродно, наместено.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Јас тргнав по друг пат, според сфаќањата на моето рано окружување, многу полесен, патот на моливот и белата кошула и вратоврска.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Кога јас ќе станев ти веќе тргнуваше на работа среден, дотеран во костум и вратоврска, со испиено прво утринско кафе.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Климент Камилски ја замоли собарката да му го испегла сивкавосиниот костум и за прв пат ја стави својата светлосина вратоврска купена при претходниот престој во Париз.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Понекогаш ја облакаше облеката од татко му, ставаше вратоврска, паларија, ставаше мустаќи од волна, ставаше луле в уста, ја ставаше сабјата и шлемот што ги донесе татко му кога се врати од фронт и застануваше пред огледалото и се огледуваше.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Потоа, кога влегуваше на час точно навреме, им се насмевнуваше на учениците и тие гледаа во неговите два огромни предни заба, строго концентрирајќи се само на нив, а не на изборот на кошулчето, вратоврската, панталоните или каишот.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Знам дека посебно инсистираше на кино Центар бидејќи таму мажите одат со вратоврски а жените во свечена облека!
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Првата работа со која ќе се зафатам штом втасам во канцеларијата ќе биде разлабавувањето на вратоврската, заклучив. Морам да се ослободам од овој давеж.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Уште вратоврската треба да ја ставам. Црна.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Оттука, целосно е оправдан работничкиот сомнеж во искрените намери на бирократизираните синдикални раководства, кои облечени во свечени костуми и вратоврски милуваат, особено предизборно, да се фотографираат со владините функционери. 300
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Несвесно си врзува вратоврска од вените на вратот. Ги врти ушите.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Кој би можел да ги спои неговата расприкажана, полничка личност, мустачињата а ла Клерк Гебл и љубовта кон шарените вратоврски и цицлести жени со неговиот минималистички уреден ергенски апартман: црно-бели театарски фотографии, три старински фотелји, а плакарите со стотици костуми и вратоврски и креветот вовлечен, камуфлиран во ѕидот, незабележливи како и музичката кутија, што ја сокриваат листовите на големиот фикус во аголот на собата.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Сите сакаме голи да шетаме и сите носиме вратоврски. Како бесилка. Тивко, пристојно.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Вратоврската му беше темноцрвена, а косата, темна, густа и залижана, му го откриваше мазно избриченото лице.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Пред Уредот се појавив на време и дотеран. Притоа, да истакнам, вратоврската толку ми беше стегната што речиси ме задушуваше.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Мажите, помладите, со паларии, вратоврски, бели кошули, бели панталони, со прстења и блескави часовници на рацете, жените со разнобојни фустани, со високи штикли, најмодерни фризури, како да се собрани од некој најмодерен градски булевар и доведени тука да бидат статисти во нечија режија, во нечиј филм.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Миха, кој уште со тапанот се научи еднакво да удира со големата како и со малата палка, небаре си го вртеше образот на ударите од животот, го прими својот успех наполно мирно, поправо онака прибрано како што ја прими татко му неговата диплома: дури не се чести ни со чаша пиво, а не пак да стави вратоврска на крута јака и да подигне пенлива шира во лажлива здравица.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе