всади св.

всади (св.)

Неговиот дворец мора да е всаден само во водниот дел на островот што ја држи ледената палата на ветриштата.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Варуна е твојот спасител сега Нека не бега самосвеста од твоето измачено тело Не е нова веста дека ништо не е сосема бело Митра ти што правдини делиш за секого исто Биди ми водич на моето несвесно Јас Ти кој ја познаваш магијата на духот Во дослух со мојот ум Всади ми почит Во очи со вистината
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Една од последиците беше оживеаната пеколна граница помеѓу Албанија и Македонија, одамна всадена во срцата на разделеното семејство од обете страни на границата, која како чудовиште се извиши од водите на Охридското Езеро и ги запираше луѓето со децении да ја минуваат.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ако Бог постои, тој сигурно е всаден и во моќта на јагулите да се обновуваат и да се продолжуваат од исечените парчиња.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Нека овој наш краток разговор биде повод за подолго размислување и настојување да всадиме кај сите луѓе во светот желба за среќа, еднаквост, радост и мир. Мир за сите!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Да не дочекаш да ја видиш и ти пред себе онаа бездна, што ја има видено она старче, со едното покусо рамо, бригадирон Језекил, и да не се всади и во тебе страот што човекот мора да оди исправен...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И се влечкаше нагоре, на колената и на рацете; снегот како да беше направен од големи тврди скрупци, од чијшто студ набргу во неговите подноктици му се всади и една гола бол, но тоа не мораше да биде забележано со некакво особено внимание, додека заминуваше со лицето во тој снег, бидејќи дланките можеше секогаш да ги замени со лактите и да продолжи да чекори и на нив.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ѝ се всади еден постојан стреж што ѝ се собираше како грутка во градите, стреж од некоја неизвесност.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Чанга како да имаше во себе всаден непогрешлив компас со кој го насетуваше правецот на природната историја.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тие добро го познаваа балканскиот менталитет во кој беше всаден синдромот на самоуништувањето, на проклетството, кога му е арно на човекот и на народот со козите, да му умре козата на соседот без длабоки, суштински причини.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Додека чекоревме крај кристално чистата река која излегуваше од Езерото, како верно чедо кое го продолжуваше својот пат кон бескрајот, кон морето, во Татковата свест, среќен што Мајка му го спасила ракописот, се всади мислата што постојано ги опседнува емигрантите меѓу заминувањето и враќањето, меѓу заминувањето и останувањето во туѓина. ***
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
4. ДАЈ МИ, БОЖЕ, ОЧИ ДА ЈА ГЛЕДАМ - и сите ѕвезди тоа боже зеници да ти ги всади нели е таа како сонце заслепен ќе си везден, а огнот љубовен, ко месец, ќе ти ноќева во гради...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Во тоа време, за сите нив којзнае како во мене беше всадено едно многу чудно, болно чувство.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Од тоа првин почнаа сосема тивко да му потреперуваат мускулите на натколениците, за потоа тој трепет да почне да се всадува во неговите дамари и, па колку и да си го криеш и од себе си тоа, ова старче Језекил, сепак, она секогаш испливуваше во бледилото на неговото лице, при секој опорит и скочанет чекор, при секое движење, врзано од невидливите јамкишта и јазли на страот, кои го обраснуваа, обраснуваа и така прежилуваа.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Чедноста беше длабоко всадена во нив, како еден вид партиска лојалност.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Тоа бил облик на самооздравување во кој ги отстранил и ги превртел самопоткопувачките чувства што неговите очигледно ладни родители ги всадиле во него и кој му бил потребен како материјал за создавање сигурност.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Ни тоа никогаш не беше искажано со зборови, но, на индиректен начин беше всадувано во секој член на Партијата од најраното детство.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сепак, би ми било навистина многу драго ако успеа да сфатиш дека не бевме ниту деспоти, ниту ненаситни посесивци, туку дека се трудевме да ти овозможиме најдобри услови за безгрижен, самостоен развиток, да ти всадиме широки и хумани погледи кон светот, да ти дадеме скапоцени совети за што побезболно да ги минеш младешките кризи.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Особено кажувањата за животот беа силни, чисти, раскажани со разбирлив, близок јазик, веднаш во душата да ти се всади болка за оние за кои се говореше.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Што се однесува до индуктивниот поглед врз светот на разнообразните нешта, кој татко ми, како што реков, ми го всади порано и подобро од сите професори – него го користам често, некогаш и не сакајќи - на пример, кога минувам по улици и ...уште една згазена мачка од синоќа – малолетните камиказе возачи станаа сообраќаен терор – нормално кога улиците се претесни – урбанистите пред десетина години не мислеа дека градот сосе сообраќајот толку ќе нарасне – метро?, но подземјето на градот е преполно со цевки и жици...итн. или...во центарот на градот, во паркчето меѓу градските кули, додека мирно си седам на клупата, нешто остро ме пецнува по левата нога – од некој кат, од некоја од околните висококатници, некое дете пукало со воздушна пушка во мене – децата некогаш гаѓаа врапчиња, а сега луѓе – нормално, сѐ подоцна легнуваат, сѐ подолго го преспиваат денот, а кога ќе се разбудат, се нервозни и лути – а што ако наместо во нога ме погодеа во око, кој ќе ми помогнеше? – зошто ниедна влада во оваа држава не го регулира ноќе времето до кога малолетниците можат да останат во кафулиња – итн...итн...
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Повеќе