доплови (св.)
Како претоварена гемија однегде доплови дебела девојка во црвен фустан, ги развлече намачканите усни и седна до него.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Девојчињата седеа дома, а пред портите на куќите излегуваа само постарите Еврејки и во топлите летни ноќи, додека ветрецот го носи мирисот на Дунав, џагорот на бродарите и јазици допловени од далечини, пееја романси донесени речиси пред пет века од Шпанија.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Минаа пет генерации откако Завојувачите допловија до Островото. Малубројните потомци, без жестината и свирепоста на прадедовците, постепено исчезнуваа во морето доморотци.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
На предното седиште седеше тој; беше свртен во полупрофил; ќелата му беше црвена, вжарена, брадата му беше накострешена; зборуваше нешто, но не можев да слушнам што; при говорењето, една жила на вратот му се затегаше и се дуеше како да ќе пукне; одеднаш, до мене доплови само откршок од разговорот: „Ти мораш да го пријавиш тоа, ако не го пријавиш, ќе имаш последици“, рече тој; рацете му беа спуштени под воланот; десната му беше подадена кон седиштето на совозачот; во еден миг се навали кон назад на седиштето и на другото седиште ја видов Луција; очите ѝ беа затворени, носниците ѝ се ширеа (и денес не знам дали е тоа возможно, човек од десетина метри, наспроти сонцето, да види дека се шират женски носници: дали тоа беше истата онаа слика на Луција од разбојот); по образите ѝ се слеваа солзи; да, сигурно видов дека Луција плачеше за еден миг, а потем престана.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)