достапен прид.

достапен (прид.)

Комитетот како трајна организација, се плашеше да пушти кај себе рамноправни членови од другите народности, од Словени србомани и гркомани, или пак и само со српско и грчко образование, од страв неговите тајни да не им станат достапни на балканските државици.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Фрегеовската идеја може да се изложи на следниот начин: со цел смислата на изразите да им биде јавно достапна на сите говорници на јазикот, тие мораат да бидат определени, и според тоа, не можат да се состојат во она што индивидуалните говорници субјективно го подразбираат под нив.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Го исклучив мобилниот и неколку дена воопшто не бев достапна на телефон.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Таму ги моташе своите цигари од кафеава хартија, читаше од здодевната книжевност достапна на ранчот и си додаваше импровизации на песните од репертоарот кои ги пееше извонредно експертски на гитарата.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Љ Н, како оштетено лице, повеќе пати се обидуваше да стапи во контакт со одделението за сметководство, меѓутоа од ова одделение свесно одбиваа да му ја кажат точната сума пари која му ја должат, како и други општи информации во врска со неисплатените плати и придонеси – кои, во нормални услови, требаше да бидат транспарентни и лесно достапни.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Тој смета дека легализацијата би ја зголемила достапноста и потрошувачката, што од морална или практична гледна точка би било неприфатливо.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Со цел Витгенштајн да се предизвика во овој случај, доволно е да се постави прашањето: бидејќи се бара на објаснувањето да му дојде крајот, зошто да му се стави крај во мистеријата на тоа како почетникот успева да постапува на начин кој фактички се согласува со практиките на заедницата, попрво одошто тоа да се стори со помош на достапниот и добро познат комплекс од психолошки концепти кои пружаат толку моќна мрежа на дескрипција и предвидување?
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Иако лимитирани, овие извештаи се единствените достапни извори за ставот на американските дипломатски личности од тоа време.
„Македонија низ нишанот на САД и Британија“ од Тодор Чепреганов (2012)
Тих и повлечен во себе, безвиновен во ред работи, во кои спаѓаше и допирот со жените, Пискулиев сепак не е од оние луѓе со студена душа, тешко достапна за срдечни трепети.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Пред сѐ, функцијата на електричните инструменти ќе биде тоа да овозможат потполна контрола на структурата од аликвотни тонови (наспроти шумовите), и да направат овие тонови да станат достапни на секоја фреквенција, амплитуда и траење.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Со фонографија се карактеризира онаа класа на системи на писмо, во која сигнансот на јазиците не корелира со универзалните појмовни јазички категории, кои принципиелно им се достапни на сите јазички колективи на определено ниво од културен развиток.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Во секој случај, пред да ја реши таа дилема, Баге посегна по трненките и тогаш откри дека тие му се достапни само затоа што трновите го штителе од непријателите однадвор а не и од непријателите однатре.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Пишпирик и Барбут- бег ги доближија главите и веќе пееја со издолжени шии: Трговци сме чесни, продаваме чуда, по достапна цена ви нудиме рудар.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Од гледна точка на работникот, пак, новите одредби ја намалија достапноста и транспарентноста на новите работни места на пазарот на труд, особено за лицата кои немаат „врски“ или свои роднини помеѓу работодавците.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Ако сериозно ги разгледаме негативните ефекти, не можеме а длабоко да не се замислиме над разјарените последици од поголемата достапност на јаки дроги.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
За крај, Движењето за социјална правда – Ленка сака да ѝ се заблагодари на Фондацијата „Роза Луксембург“ за финансиската поддршка која овозможи оваа студија да биде напишана и објавена. Ѝ се заблагодаруваме и на Лилјана Ковачевска за логистичката поддршка околу наоѓањето на повеќе потешко достапни закони кои беа анализирани во оваа студија.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Некои ќе речат дека, кога сѐ ќе се земе предвид, тоа останува работа на индивидуалниот вкус или талент, дека сите повеќекратни значења остануваат достапни при кој било пристап.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Поради класата, приходите и вродените способности, таа не е достапна секому.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Кога „Е е за Екстази“ излезе од печат, Сандерс стави хипертекст верзија на својата веб-страница на Интернет, која оттогаш им е достапна на десетици илјади читатели.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
БАРБОШИН: (на Мешаев.) Според некои надворешни знаци, што му се достапни само на опитното око, можам да речам дека вие сте служеле во флотата, дека немате деца, дека неодамна сте биле на лекар и дека ја сакате музиката.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Повеќе