елегантен прид.

елегантен (прид.)

Елегантно се исправам и велам. - Грешка сте. Јас сум дактилографка.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Го сврте кон мене долгото, елегантно и страдалничко лице на своите пуритански претци и ми ја пружи раката.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Ја набљудуваше крупната, а сепак елегантна фигура како шета горе-долу, како влегува и излегува од неговото видно поле.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Не дека беше имун за елегантност и дека не сакаше да менува повеќе одела, туку просто речено: не можеше да ги пушта нозете повеќе од што му беше чергата.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Од местото каде што стоеше Винстон можеа да се прочитаат, истакнати врз белата фасада, и испишани со елегантни букви, трите слогани на Партијата: ВОЈНАТА Е МИР СЛОБОДАТА Е РОПСТВО НЕЗНАЕЊЕТО Е СИЛА
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Како бизнисмен со пура и коњак во раката, ја изговорив занесено последната реплика, за време на елегантната опсервација на масивната компјутерска маса.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Проститутката уживаше во сопствениот одраз од излогот на стоковната куќа на главната улица, на која само тој ден имаше право да ги сопира несовесните возачи, елегантно кревајќи го знакот „Стоп“ и дувајќи во свирчето, толку меко, речиси нечујно.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Раскошна со елегантни движења, гордо танцот го продолжи.
„Од дното на душата“ од Александра Велинова (2012)
Со елегантен и крајно женствен чекор Вероника се движи во нејзините поетски чевли, колку и да се тие тесни, и за неа, и за сите нас кои се обидуваме во нив да сместиме збор.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
И пак: Во Жешов раскошно расцутеа дрвјата, а ветрецот расејува снег од латици низ просторот, поигрувајќи си со нив, а потоа оставајќи ги да паѓаат по крововите, по жирадоата, елегантните женски шапки на минувачите, по јармулките и црните рабински капи со широка периферија, на рамениците од старците што на пријатната пролетна сончевина забораваат на својата возраст и живо дискутираат на својата пролетна променада, во очите на госпоѓиците, и во нејзината душа која е смирена и иполнета кога е во тој питом предел за кој не може да престане да го мечтае и сонува... 
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Без леќи ракавиците и облеката се елегантен начин на давање импулси на компјутерот.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Нејзините прсти беа слаби, елегантни и многу бели во споредба со бургундски црвениот лак на ноктите.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Се облеков во црн елегантен фустан, со примерно деколте, малку раскроени ракави и прилично кус.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Во скудната фенерска светлина ја видува жената, тенка, еластична и елегантна во светлата свилена ноќница.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ако не е така тогаш зошто елегантното оро, ноќта уште не беше помината, а тоа заринка во снегот на далечниот брег на Леденото Езеро?
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Овој висок, секогаш елегантно облечен господин, одважен во многу моменти од својот живот, во трговијата што ја врши и во управувањето со имотот, како и во заштитата од неволјите на своите сонародници, има зад себе спомогнато изградба на црква и купување камбана, отворање на народно училиште, помош на читалиштата што почнаа поначесто да се отвораат во нашите поголеми и помали градови, градење и поправање на сето она што било потребно во неговото родно Маказар и друго.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Кучката спокојно, би рекол, елегантно, обиколи околу моите нозе и излезе низ вратата.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Значи, има типови со елегантна и стабилна изразеност во облекувањето.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Ѕидовите повторно ќе ги бојадисуваме, (Шукри заминува, гледам во нозете што ги вртат педалите, колку пати ќе му е потребно до аголот?), а на местото на орманот, ќе ставиме софа или нешто слично за седење (само 17 или 18, мене ми се чинеше подалеку), нешто комфорно, елегантно, а практично.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Беше висок, со елегантна става, благ, спокоен во изразот, од кој зрачеше доверлива и интелигентна добрина.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Повеќе