жали несв.
жалител м.

жали (несв.)

Го одвратив погледот. „Жалам“, ѝ реков.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Се жалеле и од други работи и правото на озборување било неограничено
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Би можеле со своето жалење да ме подмамат кон приврзување што значи дека би посакал да се вратам во својата мрша, што фала богу е невозможно.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
И жали што секоја нова ноќ во која долго ги гледа блескавите ѕвезди му станува минато.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Жените тогаш се собирале пред куќата на мајка му, влегувале внатре и молчејќи ја жалеле; тоа станувало оние денови, кога ќе се расчуело дека го носат врзан. Било заради кражба.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Идат македонски доброволци и ни се жалат дека Грците не им даваат оружје.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Жените и мажите го чекаа пред порти или го пресретнуваа на улица распрашувајќи се преплашени и жалејќи го деда Бошка што го снашло вакво зло.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Многумина се жалеа што ретроспекцијата на почетокот од филмот беше лага.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Сега можам само да жалам што најчесто му повладував, не бев критична и не се обидував да го доведам на место, што се вели, и така на вештачки начин му создавав чувство на поголема вредност.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Излишно беше да стане и да ја кара глувата баба, затоа што таа почнуваше да плаче и да се жали како тој е неблагодарен, како таа го израснала, пелените му ги перела, млеко му греела во ниедно време, работела и дење и ноќе само за тој да стигне до комфорот во кој е сега, само за да има нешто да му остави, барем едно станче за кое нема потреба да печали со толкави маки како што печалеле таа и татко му.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Луѓето се жалат и кога имаат и кога немаат право.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Не смееше да се жали зашто ќе добиеше заушка од Горниот...
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Во националистичка Грција се жалеа дека национално се обесправени.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Со каква неподнослива леснотија си проигрувавме со времето додека беше жива не знаејќи колку ќе жалиме, еден ден, поради тоа.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Но никој не се жали и не вика: „Не играм“.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Дури сега се сеќавам дека само за едно би се повратил таму: да им солам памет на соседите околу, да им се жалам да им правам незгоди.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Што да жалам долу ќе ми бидеш и камен и море и рид и дно сите времиња ги надви!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Некои луѓе (многу мал број) по долга употреба на оваа дрога, имаат проблеми со дишењето кои се толку опасни што можат да предизвикаат смрт; други се жалат на пре-стимулација.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
И како во сите добри пародии - критичарите и кураторите ме прогласија за шарлатан, а малограѓанските колекционери се жалеа како моите слики не го одразуваат македонското поднебје кое е сончево и светло, а она што јас сум го изложил е темно и депресивно.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Разбра? Наредба на политичкиот! И немој да ја жалиш...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Повеќе