забрана ж.
забрани св.

забрана (ж.)

Тогаш сѐ уште не беше стапен во сила законот за забрана на пушење во јавни простории и кафеани.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Другиот ден повторно облекуваа лош кафеавкаст костум и мораа да се задоволат со издавање на забрана за користење на масите за пинг-понг од страна на класно несвесната младина.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
За некој ден требаше да стапи во сила Законот за забрана на козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
потем се наслутува сѐ почесто во глувиот ноќен јасник како слана (во споредба со неа, снегот е мек и топол, Господине) во забраната да се верува во чувствувањето срам да се признае мечтаењето по неа и скришното вљубување во зазорот и распрашувањето за смислата на животот (најдолгите чудења се загушени од банални спреги) во сѐ поприсните признаци од сонот - таму кајшто живееме однапред, повторно и можеби безгранично, таму кајшто времето не се мери со просторни величини и кајшто, конечно, не се дели иако, да признаеме навиката да живееме раздвоено нѐ збунува сега едно-по-друго се подготвуваме да заспиеме да ја избереме спалната, креветот да постелеме нови чаршафи само за една, за наша употреба купуваме ноќници за истата прилика се тревожиме од наглите отворања на вратата низ којашто проблеснува вселената сѐ до неиздржливата глад по Неа.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Воведена е и забрана на штрајк во Министерството за внатрешни работи во воена, вонредна или кризна состојба и во Армијата на Република Македонија во воена и вонредна состојба, како и во случај на извршување меѓународни договори што се однесуваат на вежбовни активности, обука, мировни или хуманитарни операции.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Станува збор за забраната за пушењето на јавни места.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
За него баналното прашање за забраната на чувањето на козите во првите години на комунизмот се претвори во вистинско искушение, во прва пречка на која се препна и уште тогаш падна комунизмот, во немоќта да експериментира долго време со живиот живот...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Немаше законска забрана, но на користењето на Фејсбук се гледаше со доза на недоверба.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Во случај на судски спор, кога е постапено спротивно на забраната за мобинг, товарот на докажувањето паѓа на поединец или група против кој е поведен спорот.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Ама ја прикажаа и онаа друга страна на тоа време: ловот на црвени вештерки, ноќните акции на Кју-Клукс-Клан, конзервативните отпори кон новите уметнички движења, едукативните филмови во кои се опоменува младината на опасностите на новата музика, забраните за носење рокабили-фризури и подвртени фармерки по училиштата...
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Ако имаш забрана, повторно можеш да измислиш обврски од типот дополнителни часови по некој предмет и ревносно да ги посетуваш, па кога еднаш нема да излезеш, дури и мајка ти, која ти води евиденција на движење со минутажа, да те потсети дека ќе пропуштиш важно предавање.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Кога дојде забраната да се чуваат козите, а уште не стана извршна, ние ги водевме козите насекаде, дури и на училиште.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ги видов и модрите рани од приборот за јадење, забраните за непрактични вљубувања, прередувањата на Тетките со сини измастени пликоа во долги редици пред поштата, натоварувањата на Бабите со тешки товари врз корпата.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Подоцна сосема се забрани и беше издаден ферман целата волна да се прибира од султанот за изработка на облека за војската. Така беше дури не се поништи забраната.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Нужно беше да се интервенира и кај правната заштита, па така се предвиде дека, во случај на спор, кога е постапено спротивно на забраната за мобинг, товарот на докажувањето паѓа на поединецот или на групата против кои е поведен спор за вршење на мобинг, освен ако овие докажат дека различниот третман е направен поради претходно споменатите законски категории на лица кои се третираат како „исклучоци од забраната за дискриминација“.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
За обезбедување на парично побарување може да се дозволи секоја мерка со која се постигнува целта на таквото обезбедување, а особено: (а) забрана на должникот да располага со подвижни предмети, како и чување на тие предмети; (б) забрана на должникот да ги отуѓи или оптовари своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во негова корист, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп; (в) забрана на должникот да продава хартии од вредност и удели; (г) забрана на должниковиот должник да му исплати на должникот побарување или да му предаде предмети, како и забрана на должникот да прими предмети, да наплати побарување и да располага со нив и (д) налог на носителот на платен промет на должникот или на трето лице, по налог на должникот, да не дозволи од должниковите сметки исплата на паричниот износ за кој е дозволена привремена мерка.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
„Во Одлуката за вонредни мерки на Градското собрание се пропишани три степени за заштита: прв степен - предупредување и давање препораки; втор степен: ограничување на видови горива и на дел од сообраќајот; трет степен на вонредни мерки се темели врз забрана на користење горива, затворање на одредени индустриски погони, топлани, забрана на сообраќај.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Секоја од овие можности има донекаде различни предности и недостатоци. Најмалку радикален чекор кон ублажување на забраната би било класирањето на дрогите по категории при што би се легализирале најмалку опасните.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Тој што ги пропишува божјите заповеди ќе ги состави и човечките забраните се услов без којшто не се може во Сенатот, Олтарот и Креветот во Науката и Уметноста без оглед на егзактноста
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Сепак, како од почетник не се очекуваше ни повеќе, особено и затоа што човекот беше фрустриран поради забраната да пие што му ја изрече Живко уште на почетокот на патувањево.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе