завиди св.

завиди (св.)

Го гледаше и му завидуваше: - Блазе си ти тебе, низ зелени треви и убави цвеќиња патот те води, а златното сонце те грее.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Му завидував на висулчето од жад што се клатеше меѓу нејзините гради и тоа ѝ го реков.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Не му веруваа и сепак му завидуваа: никој од нив не видел бела вдовица, никој не се облажувал со шербети во долги чаши од син биљур.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Знаеш кога да си ја пуштиш а кога да си ја прибереш насмевката. Кога да си ја затнеш а кога да си ја одзатнеш муцката. Да знаеш само колку ти завидувам поради тоа“.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Навистина ѝ завидував на нејзината увереност и истрајност.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Имаше дворец на кој му завидуваа и кралевите.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Јас си ја скрив главата во скутот и ми дојде да ѝ завидам дека нејзе не ѝ се врати Мирче, стопанот нејзин.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ѝ завидуваа на вродениот инстинкт кој заедно со нејзинита проникливост секогаш ја правеа посупериорна.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Не им завидуваме на предавствата кои се нафрлаат, пред сѐ на јазикот.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Сѐ до оној ден, веднаш спроти почетокот на Војната, кога Језекил судбината му завиде и на тоа, што му го имаше делено толку скржаво, и посегна со својата неумолива рака и тоа да му го земе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Навистина, можев да им завидувам на сите други деца во класот и знаев дека веќе никогаш нема да ја имам нивната безгрижна смеа и веселост.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Ами лели им завидоа орлите, оти јадат штрковите скакулци, и од збор на збор се капаштисаа да се бијат едни други.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Ебати народот кој само бега, а на сѐ ти завидува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
ама од едно уво влегува, од друго излегува копнеж е тоа, еј, кај стои снег на летно сонце, а и нам не ни се стои оти таму никој на ништо не ти завидува, ни на куќа, ни на обушје, ни на облека, и си ги собираме пљачките, покупките, трчаме да фатиме брод,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Уште од своите четиринаесет – петнаесет години заоде овчар на глава и тоа молзничар. Му завидуваа селаните на Трајко Сирмев со добро и умно дете.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Како ли се концентрирам, си мислев и му завидував што во Индија имаат специјални учители за концентрација на мисли.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул сега се стискаат тајни шеп-шеп шепотари и јавни вревачи по фудбалските натпревари - жив доказ дека сегашноста сепак му завидува на минатото, тука, каде што некогаш сетики врвел и Јане Сандански, со очила за сонце и со џепен саат закачен за реверот со сребрено синџирче, а зад него, се разбира, врвеле и тајни агенти кои му ставале сопки на времето кога ќе подзабрзало.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Го потчукнувам по рамото. (Нешто како пафтање со раката на утехата, а всушност му завидувам.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Никогаш не можел да има таков однос кон работите, ниеднаш не ги посакал за себе, пред да помисли дека за секоја од нив треба и самиот да остави нешто; мислеше на убавината на едно такво имање, кога ќе можеш она да го покажеш со отворено лице пред сите, и на нечистотијата на едно онакво имање, а знаеше дека тоа го имаат во себе и повеќемината од нивната група; беа малцина оние што му завидуваа и што му се дивеа на оној.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Возрасните минуваа покрај далдисаните дечиња, попустливо забавувајќи се со детското чепатење, завидувајќи им на таа енергија, тивко посакувајќи и самите да им се придружат.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Повеќе