задоволен прид.
задоволно прил.

задоволен (прид.)

Скромноста ги красеше, беа задоволни од малку.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Таа сака задоволни и благодарни луѓе.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Доколку работникот не е задоволен од исходот на постапката може да бара судска заштита, со поднесување тужба до надлежниот суд.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Кога најпосле ги отфрлив алузиите што сакаше да ми ги припише нивната задоволна смеа, им објаснив дека моето интересирање по однос на облеката е упатено на можно откривање на некоја нивна особина која би се изразила дури и во тоа.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Во прво време повеќето дури беа и задоволни сѐ додека најпосле не видоа колку скапо им се фаќаше тоа.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Потиснувајќи го својот глад за храна со жита и овошје и гаснејќи ја жедта со вода, човекот не бил задоволен и открил начини за ферментирање и дестилирање на житата и овошјето за да направи алкохолни пијалаци.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Не знам зошто мајка ти е толку задоволна од неа кога постојано забошотува.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Татко ми беше задоволен што бунарот не беше запретан.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Револуцијата стана и иако има најужасни последици за нас, пак даде некои благодатни резултати со коишто можат да бидат задоволени нашите борци за национална слободија: тоа се Мирцштегските реформи3, кои ќе бидат раширени спроти нуждите што ќе се покажат со време.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Не знам дали им се брзаше или беа задоволни од одговорот дека одам на гости. Ништо.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ако овој долг се осознае, ако обединувањето на нашата интелигенција со бугарско, српско и грчко образование се постигне, ако се парализира работењето на пропагандите и се успее тие сосем да се отстранат од Македонија, ако се установат добри односи кон сите македонски народности и се подобри политичката и материјалната состојба на Македонците, тогаш, при сите дадени жртви, ќе можеме, покрај другото, да бидеме задоволни од едно: востанието ни ги отвори очите за грешниот пат по којшто одевме досега, по којшто ќе одевме и за напред, и без востанието сами ќе подготвевме почва за дележ; тоа ни ги отвори очите за многу наши нужди што и не ги претпоставувавме понапред.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ни самиот Мисирков не е задоволен од нив, но ги прифаќа како важен почеток и во нив гледа можности за натамошно проширување и разработување.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
- Јас сум задоволна иако те видов за прв пат низ сенките на чадот, во кој селото догоруваше.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Автобусот каснеше десет минути. Задоволна и уморна седнав на клупата и запалив цигара. Ѝ заблагодарив на госпоѓата што ми ги причува торбите.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Задоволни се од другарувањето со другарчињата од другите градови, а и чистиот планински воздух и сонцето ќе им останат во долго сеќавање.“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Главно зборуваше за својата голема тага, за тоа како ја будат среде сон гласовите на несреќата; го проколнуваше оној „кој му ја фрли смртта в прегратка“; но како што минуваше времето не забораваше да забележи дека нејзин Ролан таму горе сигурно е задоволен бидејќи на неговата могила секој ден осамнува свежо цвеќе.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Млака задоволеност му се шири во утробата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На лицето на војникот се појави задоволна насмевка.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Кадијата се преправи на весел и задоволен.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И така, со најубави желби и полна готовност да му помогне, старецот го испрати својот долгогодишен слуга, а Петко го напушти овој свој дом не без тага на душата и болно чувство што ќе се оддели од својот питачки стап, но сепак задоволен од тоа, дека ќе може подоцна, како поп да му отслужи и литургија на неговиот свети Илија, како што му собираше осумнаесет години разни подароци од селата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Повеќе