заклучи св.

заклучи (св.)

Во јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Иако периодот на секое вработување на определено време не е изречно определено, може да се заклучи дека не би требало да трае долг период – односно, само по исклучок, би можело да надмине една година.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Имајќи предвид дека ова е бруто износ, може да заклучиме дека просечниот износ за нето плата под кој работодавачот не може да врши исплата на плати, значително е намален.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Колку што можеше да процени во тој правец надолу се опушта линијата на фронтот, заклучи дека селото на Тетинот е од оваа страна.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Не знам што точно но има нешто што може да се стори преку реките лесно и непречено да се минува зашто само така, потоа, животот ќе го стори своето, заклучив бидувајќи целиот обземен од сината светлина во која белата ја снема за заборавање.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
— Најпосле си заклучи и си вели со умот: „Се виде, таа, џанум; тој ќе биде, крив, слеп“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Александар заклучи дека мора да јаде за сите негови претци кои биле гладни и дека би било крајно непристојно да не се придржува кон овој своевиден култ на предците.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Кажи ми, што можеш да заклучиш од овој вистински настан, ме праша тогаш вујче?
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
По лаењето на кучињата можеше да заклучи дека се некаде далеку.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Но не само во таа самостојна политика се заклучуваат нашите несреќи, а следствено и причината за одделувањето на нашите интереси од бугарските, па и причината за одделувањето на Македонците овде во македонско друштво.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Доколку анализата на овој закон ја сведеме на чисто позитивистичко правно толкување би можеле лесно да заклучиме дека оваа одредба е позитивна и дека се работи за подобрување на правата на невработените по горенаведениот основ.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Нагонската гадливост од психотични контакти поскоро ме доближуваше до едноставноста на животните отколку до луѓето, па заклучив дека можам слободно да бидам крава, папагал или некое морско домашно милениче во смрдлив аквариум.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Тоа тој можеше да го заклучи секогаш кога ќе престанеше да размислува и кога се престоруваше целиот во слух, живеејќи со секој дел од себе само со она, што се случуваше во неговата собичка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Семенката не памети суден ден со кој се заклучува нејзината историја.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Кога ќе се залажеш себеси да мислиш дека гледаш нешто, ти заклучуваш дека и сите други го гледаат истото тоа.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Вратата била заклучена и не можела да се отвори.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Освен тоа, мајката Перса пред некој ден донесе единичен железен кревет со миндерче само за Пела, рече Не е ред оваа голема мома која ќе заоди на училиште да спие со мајка си! и беше заклучено со денот на заодувањето на училиште таа да спие во своето креветче од месингани цевчиња што светеа како злато.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Можеби бев неправедна кон него при тоа прво видување, но веднаш заклучив дека не ми се допаѓа.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Еднаш ја заклучија влезната врата од куќата во која беа сместени неколку фамилии и го фрлија клучот.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Потем со трчање се вратив назад во хотелската соба, ја заклучив вратата и легнав да се одморам, не давајќи им можност на мислата и на чувствата, да ме налазат како мравки од чии полазии ќе страдав и ќе боледував.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Повеќе