заод м.
заоди св.

заод (м.)

Сета крв на заодот била собрана на нејзините млади усни за чија целивка и ѓаволот куц можел да се откаже од горештината на пеколот и да се пеплоса до врвот на опашот доколку таа би го зела в прегратки. Се потпирала со дланки на колковите и се нишала на нозе гледајќи го со накривена глава.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Од изгревот до заодот денот чмаеше под сенката на авионите.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Го проколнуваа изгревот и заодот на сонцето.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Навистина, мислеше дека е со нив а не како кога ќе останеше сам крај дрвената барака за да го гледа без рабирање заодот и сѐ под него: невидливите џуџиња во печурките и твриде големоглави бубалки опколени како старовремски војници.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
И во тој последен час на денот, во тој брз заод на замагленото сонце, игуменијата со малку потемни сенки во очите, непроменливо загатлива и стара каква што можела да биде пред десет години или каква што ќе можела да биде по десет години, кренала рака за удар или за благослов.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Откако каменоделците по непресилената пијанка во манастирскиот двор отишле во пештерите на местото Богородица да удираат со чекани и да вообликуваат воденички камења за четинестите туѓостојбинци од некое село за кое тие и не чуле, се случило на еден час пред заод Арсо Арнаутче да ја сретне Фиданка Кукникова со нарамник гранки на грб и да ѝ помогне благоглаголив да ѝ се врати верата во луѓето - жена е, и светците ќе се симнат од икона да ѝ помогнат.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се разбудив од својата смрт многу подоцна и на неколку чекори од заодот над непознатите ридишта над кои гракаа врани или пропаски со попусто тргање на крилјата за педа да се подалеку од местото за кое ги држеше некоја сила.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Песот адамосано се влечел по нејзината сенка - на запад се протегала белина; малку време пред тоа таквите заоди ветувале јасник и волчи завивања.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Заодот на сонцето остави вжештен црвен вресок на небото и оѕверен одблесок врз површината на езерската шир.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
По еден заод некој од работниците го потсети на оној ден кога првпат навлече долги панталони.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Сонцето е на заод, бело облаче го прекрило.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Штом сонцето ќе клонеше кон заод, Трајан кришум низ бавчите и лозјата се провираше до кошарата на другата страна од брегот каде што Царјанка доаѓаше со кошот на рамо за да земе храна за добитокот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Трипати на ден го менува мирисот: наутро, сѐ додека пука зората и додека врз јасносините и белузнави листенца во капки истрајува росата; на пладне, кога вршник е жегата и квечерум, пред заодот на сонцето - до првиот мрак и првата вечерна роса.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Тажни се заодите на Бел Камен. Болка и тага навева погледот кога се постелува на костурската шир и отаде на Вичо и Сињачка.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Сонцето сѐ уште светеше над ридот Дреничето отаде езерото и до заодот имаше ден.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
1. Сълнце-то ми е на заодъ.
„Мисли за болгарскїй-отъ ѧзикъ“ од Партениј Зографски (1858)
Ако контрастот е логичен, си реков тогаш ќе направам писанието мое да биде посветло зашто се збива на север таму кајшто изгревот доцни а пак заодот поранува, таму кајшто сѐ е помазано со благ како шира леплив и збувнат налик на долго воздржувана сперма самрак.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
На десетици ражни се печеа јагниња и орото и песната секнуваа дури по заодот на сонцето.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Се ближел заод некако поинаков од другите до тој ден, како тежок, како мртов сон - до бескрај се шири и сѐ околу себе дави пепелава поплава без јасни сенки, слаба темница што ни се враќа во коритото на секнатиот ден ни прераснува во ноќ.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Привршува денот. Во заодот на сонцето, небото над Бел Камен гори во пурпур.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Повеќе