запален (прид.)

Амалите и чистачите на чевли се пикнале под стреите и се греат на запален весник.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Али Фети, држејќи ја запалената пура, во еден миг му се обрати неочекувано на својот внук, оддалечувајќи се од претходната тема, која оставаше да ја продолжи во некоја друга средба: Ти, синко, бездруго имаш свои планови, да ги продолжиш студиите во Цариград?
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тој во десната рака држи запалена цигара од која се креваат думани кои толку ја загрозуваат околината што сѐ живо веќе кашла, венее и умира.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Јас молчам и горам ко свеќа запалена под некој голем црквен трем.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Огледалото ја крши светлината и остро ја расплиснува во неговите запалени зеници.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Низ мускулните ѕидови продираа неговите слатки зборови и оставаа траги во јазелот на мостот оставаа дамки на запалена цигара врз хартија или допир од машки раце Нож ли беше во темниот мрак каде двете тела разгорени се влечеа?
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Во меѓувреме на скалите се појави жена му со запалена борина в раце, таму подзастана чувајќи го пламенот од ветерот и кога го смири, ја крена борината над глава да види што станува.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Никаква болест не можела да опстои среде смрдеата од запалени кучиња.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Пратиле специјални екипи и пожарникари да го локализираат запаленото место.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Иако и самиот со десетина рани на своето жилаво месо, Парамон се извлекол да се крие од планина на планина и да остава зад себе запалени сараи и заклани туѓинци.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Некогаш ни се јавува и небаре запален сноп пченица што се шета низ шумата, ама не ја гори.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На сон Севда се најде в црква. На патеката меѓу гробовите по која жените се враќаа од црква со запалени свеќи и се раштркуваа меѓу гробиштата секоја одејќи на гробот на својот близок да му запалат свеќа.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Сета планина да мириса на запалено човечко месо.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во собата за прием во која веќе беше запален каминот, на кожната софа седеше стрико Ѓорги и пееше додека син му го придружуваше на гитара.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
3. Воздухот е расцветан Звуци на запалени бои го опиваат полето И небото почнува да се доселува Во облик на ѕвезда во секој заоблен плог.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Денот беше широко отворен над селото и од селото излегуваа миризби од зовриен грав, од запалени буништа што смрдеа дури долу, до училиштето.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Скока по неа и врз креденецот, и врз запалената печка, па дури за една мува може да се најде обесен и на лустерот.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Езерото се бранува во сини и црни маси со бели шамичиња од пена. По него се точи снопот на зајдисонцето со запалени класје.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Фимка се распраша и му донесе запалена цигара.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Дотрчала до бедемите на мостот, ги извлекла запалените фитили и ги фрлила во реката.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Повеќе