затече (св.)

Ѕвонарот беше единствениот човек затечен во домот од стариот персонал на болницата.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Ако ви се случило некогаш да сте избегале од дома и првата ноќ да ве затече сред опустени бавчи, каде што шумот на ветерот ви се причинува како сподавен викот од многу гласови, ќе разберете зашто на Мечета – така се викаше тој – сега му тупка срцето како на врапче затворено в клетка.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Обрачот се приближи и до црквата каде што ги затече сите млади луѓе, жени и деца и добро му дојдоа сите на куп да не ги собираат од куќа на куќа.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Во разговор нѐ затече ноќта. Седевме на прагот од опожарената куќа.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Тука ги затече разденувањето, со темницата и облаците се повлекоа.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Навтапито ги прескокна скалилата, влегоа низ вратата без чукање или ѕвонење и ја затекоа идната снаа облечена а разбушавена, расплакана и уплашена, како мемоли нешто што не можеше да се разбере.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Се чувствува затечен од нејзините знаци? Од нејзината присутност и овде? Во тремов?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Да потпораснеш, да се напласти снег повисок од твојот бој, утринум рано со бадник и со торбуле да чукнеш на вратата на дета ти, тетка ти, да ги затечеш покрај огниште, да им бакнеш рака, да те благословат; нешто потоа, како во сон да видиш една огромна смрзната река во која се фрла крстот и по него се фрлаат и неколкумина за да и на овие свои години пак да не можеш да сфатиш дека сето тоа било една обична рекичка, мал јаз, еден поп и еден огромен крст и молитви што се издигаат до небесата...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Дедо Алексо го затекоа сам. Не ги очекуваше посетителите, уште помалку момчето од градот, па отпрвин се збуни, не знаеше што и како да зборува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Врвовите на ученичките моливи се залепија за тетратките на она место каде што ги затече неочекуваниот остер ѕвонеж.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Синот III Ова зајдисонце го затечува во изненада твоето лето крај езерските води.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Пред шест години неговиот професор ја затече својата жена со еден маж пожарникар - млад русокос вол и со оперетска насмевка, ја затече гола како вистина и побеле за неколку ноќи. После, по една очаена решеност на полулуд човек, му го испираа отруениот стомак и се бореа во болница да го спасат; студентите се чудеа: ако е веќе курва зошто ја остави.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Поради таква една недозволена слабост ќе дозволеше, пред малку, да те затечат - по гаќи.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
И пак: Додека луѓето во страв и ужас се криеја, по келарите од куќите и најдлабоките засолништа, од милијардите ледни погледи на сивокрилните Сили што го затемнија небото, оние малкумина меѓу нив што не најдоа засолништа и се затекоа тука, гледаа во чудото што се случуваше пред нивните широко отворени очи, зашто силна светлина бликна од Светијата над светиите и пред неа се отвори тешкиот превез од прашина што надоаѓаше од пустината, а потоа се раствори и сенката на крилестите Сили што светлината ги претвораше во пламен и пепел штом ќе ги допреше, додека нивните трипати свиени шофари паѓаа во снопот, се палеа од неговата огнена сила и се спепелуваа како и крилјата на сивокрилите летачи што ќе ѝ се најдеа на патот на чистата светлина, додека спржените ангели со ледни очи крескаа во ужас и паѓаа одгоре и допламнуваа, превртувајќи се низ воздухот како огромни пеколни факли, а светлината што бликаше од скутовите на Храмот отвораше пат, угоре, кон чистото небо, та тогаш оние од Израилот што го видоа тоа чудо на светлиот пат што ја спои утробата на Храмот со разгрнатата порта на Небото, посведочија уште едно чудо во кое, полека лебдејќи, по патот на светлината почна да се искачува арката на Заветот со Законот во неа и фати да се оддалечува и се упати кон портите Небесни и кога овие ја примија се затвори капијата на Сводот, превез од темни облаци го препокри затвореното небо, а зракот од срцето на Храмот полека почна да слабее сѐ додека наполно не згасна, та во Светињата над светитите ја немаше веќе самата Светиња во која престојуваше Зборот Божји, а за земјата немаше веќе Законот Негов, само студениот ветер на темните Сили...  Доктор Корец ги отвора очите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
И така, во пријатна расположба ги затече зората и градскиот телал Дуче со својот барабан.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
- Јас кажав сѐ што знам. Не се сеќава точно но му се причини дека иследникот беше затечен од прашањето на обвинетиот па затоа ништо не одговори.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Ја затече малата Снежанка како лежи крај својата нова мајка, ја погали нежно, при што лицето му се позлати со насмевка, па излезе надвор, затворајќи ја убаво кошарата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тука го затече Андон; тој беше тргнал по него, да се доразберат, да ја повторат спогодбата.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Кога ќе се затечат во градот Скопје луѓе на славниот маченик Христов Ѓоргија, тие не работат никакви државни работи и нема над нив власт, ни судски чиновник, даночник или управник на тврдина, ни пазач на магацини, ни собирач на соколи, на коњи, на пци, или кој и да е друг чиновник. Тоа запомни.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Некој во сонот зборува, блада: - Ноќта ја испраќам, а денот не го затечувам, кај ми отиде денот и кој ми стои сега на нога, кој ме гази сега мене!.. 187
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе