издолжен прид.

издолжен (прид.)

Издолжените сенки од јарболите на малите бродови и гемии ја браздеа рамната површина на пристанишниот кеј.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Набргу во тишината беа чујни дури и нивните крадешки чекори, а одвреме навреме можеше дури и да се види како по таа белина напред прострелкуваат понекаде и нивните издолжени прилики, кои се искриваа уште првиот следен миг, оставајќи во погледот само една колеблива игра на причинувањето.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Патот, којшто потсетуваше на долга змија која со нејзиното издолжено тело се протега и витка на жешкото сонце , водеше до малата бистра рекичка на која имаше дрвено мосте.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Луѓето се тискаа околу раскажувачот и тој сега личеше на глиста - жилаво издолжена над главите на другите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Крај своите издолжени сенки тие изгледаа ситни и несигурни.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Се напрега да догледа нешто под себе, под своите нозе издолжени како на обесен човек.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Болката во непцето од кое му биле истерани забите со удар на беговски кундак го раздразнувала и се враќала при најмал допир, и тој ја пуштил, се обидел да ја тргне главата од нејзиното рамо и веќе не знаел ја прегрнува ли или ја бута од себе; нејзините раце, како таа да барала заштита во паѓањето, останале склопени во топла алка околу неговиот врат додека топлината на женското движење му го заплиснувала издолженото лице.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во град сум гледал жени - издолжени како жерави, чиниш сега ќе влезе во вода и ќе остане со издолжена шија.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се исправи пред нив и сега можеа да видат дека е висок човек, малку подведнат, клифунест во носот, усните тенки и лицето издолжено.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Но, ни тоа не потраа толку долго, колку што беше потребно, за да го узрее во себе дури ни тоа чувство, кога виде како по снегот наоколу почнуваат да се редат едно по друго и да нараснуваат во приближувањето десетина издолжени црни тела, сите со муцките впиени во сиромашката миризба на крвта, чиниш врзани за тоа испружено тело во снегот со некакви невидливи врвки, кои некој сега сите заедно ги повлекуваше.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Лицето му беше сиво; ја држеше жртвата со левата рака за кадравата пламеноцрвена коса, со десната ја удираше по дамкавото лице издолжено од зачуденост и од страв.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
сцената на телевизорот веројатно од некој филм ме воведува во големата празна сала со свеќи- издолжените пламени се извиваат во фигури на вити танчери- сосем близу-
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Лицето и онака запалено, и онака слабо и издолжено, сега уште повеќе се слизнува.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Црни, прави, издолжени зеници кабаре бастуни, караван плајвази камбани нечујни, витки ќулафки од грб гледани стожерниот дел на крстот језуити озрачени со водена светлост најстрогиот Ред во историјата на езерото, чудо во Охрид!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Се спружи во ладнината и во сеќавањето остана само белината на плочите, издолжениот врат на камилата и кротката влага во нејасните очи, палмата, трома и висока, а под неа камената зграда, исушена од врелиот здив на тропикот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Во шумата полека се пластеше темница. Косо издолжените сенки на дрвјата се распливнаа, во далечина планинскиот срт порасна.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во оваа доба обично ја наполнуваше печката така, што се чинеше само уште што не тргнало да полета од разгореност, тоа огромно буре, а потоа, издолжен на креветот, или притивнат на прозорецот, продолжуваше да чека.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Јован беше сув и жилав. Му ги гледав рамената подадени нанапред, кафеави наспрема белата маица, повеќе аглести отколку заоблени, мускулите над лактот издолжени со модрите жили.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Огледалото беше во форма на издолжен четириаголник, обвиткано од сите страни со чисто брановидно сребро, филигрански обработено.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Веднаш на авторот му направија впечаток неговите оврлени костенлови-сиви очи, разиграни, како да беше со двојно поголем видокруг, со издолжено лице што кон брадата му се стеснуваше како на лисица и, очигледно, височок.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Повеќе