издржува несв.

издржува (несв.)

Еднаш месечно од својот брат ќе земеше пари кои беа потребни за издржување на неговите синови, па им ги даваше на нивните мајки.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Прозорските стакла во барот одвај ја издржуваа силата на пролетната трамонтана, но тој носеше некакви пижами од груб памук и селски сандали.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Сепак ги влечеле колилата оставајќи зад себе меки лепешки и издржувајќи ги животинските патила; луѓето ги хранеле со силата на својата тврдоглавост и со безнадежноста на иднината од која не можела да прожугне ни дива чекутина.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Македонија е нужна за Бугарија, затоа последнава праќа во првата ката година милион франкови и издржува на служба многу Македонци.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Од каде ќе се најдат средства за нови учебници, кој ќе ги подготвува, од чии средства ќе се издржуваат училиштата со македонски јазик? – Очигледно, штом комитетите и македонската интелигенција во Бугарија ќе почнат да му се противат на новото течење, или, ако не му се противат, просто не го поддржуваат, јасно е оти од него нема да остане ништо: фантазиите на неколцина Македонци ќе бидат исмеани и повеќе ништо.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Кажуваат дека судските стражари го спровеле во едно далечно пусто поле, да живее како туѓинец и да ја издржува казната.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Дури и паметниците подигнати од цврст материјал не ги издржуваат лутите промени на сезоните".
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Иако уште млад, тој мораше да оди на дрва во Караорман, сам да бере дрва, да ги продава во Струга и да ја издржува целата куќа.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Значи, бугарската надворешна политика не издржува никаква критика.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Судот може да ја ослободи странката само од плаќање на такси ако со плаќањето на таксите значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката и членовите на нејзиното семејство.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Во 1942 година е уапсен и осуден на смрт со бесење како организатор на атентатот врз бугарскиот висок полициски функционер во Скопје, озлогласениот Мане Мачков, казната е преименувана во доживотна робија која ја издржува во скопскиот затвор Идризово.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Кога еднаш ѝ наговестила дека нејзиниот сопствен брак е несреќен, таа отворено ѝ предложила сопругот да го чува за издржување, а на друго место да бара страст.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Но, овие обиди завршуваат безуспешно – по што кризата на ова претпријатие се продлабочува, а со тоа и агонијата на тамошните вработени чијашто егзистенција, нивна и на членовите на нивните потесни семејства кои ги издржуваат, е доведена во прашање.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
И кога се случуваше да застанеме за да се создаде колоната, тогаш го галев, му велев браво, стари, издржа и продолжи да издржуваш, немој да откажеш на нерамниот пат, фаќај ја кривината, лапни ја угорнината.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Така, преку трудот и излеаната детска пот во големата нива требаше да станеме поцврсти и похрабри во издржувањето на горештината и жедта и да ја челичиме нашата подготвеност за големите идни дела.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Што морала таа? Морала да ги чува толкуте деца, да се грижи за сите мали и поголеми нешта, да го поправа расипаното, да го оздрави болното, а тој, Никола, се бавел божем со големи работи, го гледал светот “од точката од која и бог нѐ гледа нас“, што би рекол Симон, и од таа точка, се разбира, мислел дека му е дозволено да издржува и друга жена, љубовница Ерменка, па уште и паштерката да ја соблазнува.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Годината што измина ја научи на претпазливост и недоверба, секогаш да биде на штрек и многу да не прашува и да издржува повеќе отколку што крепат дури и исцрпените сили.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
При донесувањето на одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, судот грижливо ќе ги оцени сите околности, а особено ќе ја земе предвид вредноста на предметот на спорот, бројот на лицата што ги издржува странката и приходите што ги имаат странката и членовите на нејзиното семејство (чл. 163, ЗПП).
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Ѝ растеше Трајан како што растеа врбите; доаѓаше до работ на смртта и пак оживуваше; растеше во немаштија, во болести, во војни и сѐ издржуваше и сѐ трпеше како што и сега ја трпи раната на раката и слабината останата од гранатата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Затоа мора да се бара државата да биде одговорна, не за издржување на авторите, туку за јавната инфраструктура на читање.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Повеќе