инает (м.)

Му закажав војна на инаетот од инает сакав да го згазам и закажав војна на омразата зошто и неа ужасно ја мразам Му закажав војна на гневот го прогонував и кон него се гневев му закажав војна и на гревот за малку и него ќе го средев Му закажав војна на стравот и сакав од страв да го стресам му закажав војна на егото и него да го обесчестам Му закажав војна на лукавиот и лукаво сакав да го сотрам ѕверот се разбуди во мене да го уништам и него ќе морам Си закажав војна со себе безпоштедна со премногу мртви си закажав војна без крај војна со страдања и жртви
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Инаетот повеќе може да се насети во човековиот инстинкт, во делот на неговата анимална природа, недовршеноста во еволуцијата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
По којзнае кој пат уште еден пораз но поразот не значи изгубена битка учен е народот поразен да биде но за инает не се откажува од игра
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Ама не оди тоа така зашто „цуцата“ за инает ќе пробува додека трките не завршат и, на крајот, ќе сака еден ден да преспие за да ѝ легнат впечатоците.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Ете лели со инаетлак татко ми ме фати, чекај да ме види што маж сум јас.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Пред да предложи да запрат со работата за тој ден, Камилски веднаш продолжи: Не можеше поинаку со инаетот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Инат- инает е архаичен турски збор со кој кај човекот се именува бесмислената упорност.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Ме повел некој инает, а во инаетот и солта ја јадеш како шеќер.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ама јас го гледав в очи и во себе го собирав плачот и болката и инаетот и чувствував како прачката ми ја дере кожата од дланките...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Имам доволна временска дистанца од одлуките што сум ги носел некогаш, затоа сега без срам можам да кажам: Не навивав за фудбалскиот тим за кој навиваше татко ми од инает.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Камилски ja чувствуваше мошне блиску темата на инаетот, како психопедагог, a со поговорката што ја кажа, за таткото, мајката и децата тој целеше кон едно од главните обележја на балканското патријархално семејство, во кое владееше ригидноста на воспитувањето во реската поделеност на родителскиот авторитет и детската послушност, како два облика на инает, кои се формирале помеѓу двете генерации.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Еве, мој пријателе, јас би завршил со инаетот, не можејќи да му го утврдам местото во трајната балканска меморија.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
На моменти нагласуваше дека инаетот, поточно неговите балкански семантички варијации тешко би можело рационално да се објаснат бидејќи тој произлегува од ирационална состојба на духот, тешко се поврзува со здравиот разум.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Можеби тоа беше давање одушка од макотрпната работа, можеби беше терање инает во војните, со реквизициите, со даночниците и чифликсајбиите, но жителите на Потковицата, со вкоренет оптимизам на луѓе прикрепени за земјата, односно со докрај изјаснета свест дека таа, мајчичката земја, раѓајќи одново и одново го обновува својот и нивниот живот, односно дека освен неа и нив ништо друго и никој друг не е вечен, на сѐ во врска со жетвата му дава одреден празничен призвук.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Навистина малку го релаксираат додека плива и додека неговото стежнато тело лебди над плочите од дното на базенот, додека тромаво се лизга над имињата, судбините и сенките на покојниците, обидувајќи се да не гледа во нивните симболи, во знаците неизбришливо издлабени врз стариот мермер на дното, што како за инает, водата ги мие, ги увеличува како под лупа, ги прави појасни и поблиски, скоро тутнувајќи му ги пред стегнатите очи и чело на покајаниот делегат на Комесаријатот за еврејски прашања, кој пливајќи се обидува да ја намали напнатоста што ја чувствува низ целото тело и да го одложи надоаѓањето на нервниот слом.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Татко, верувајќи дека, сепак, Камилски, ќе се држи на договореното, да реферира само за петте договорени збора, се надоврзаа на поговорките за инаетот од доменот на турската традиција, кажувајќи му ја на турски поговорката: Arnaut inati Allah` belasi! (Инаетот на Арнаутинот, божја беља!).
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Патема собраа со себе што најдоа: луѓе, стока, и за инает ги запалија сите посеви кои веќе чекаа срп и им нанесоа големи штети на селаните. – Море кој ги гледа штетите кога останаа главите – се тешеа селаните и еден по еден се прибираа по селата за да почнат нов живот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Сенарот, еден ден ѝ се исповедал на својата жена и рекол дека од инает не сака да му ги даде парите на јагленарот.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
За инает, и надвор од себеси, се нафрлив на приклучокот за антена.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Јас веќе сосема ги имав пленето сите во класот со мојата уметност на разбојот, и бидејќи изведував секакви вратоломни фигури на разбојот, бев еден вид општ херој (освен за Луција, која од инает не ми посветуваше никакво внимание; јас веќе реков дека тој инает тогаш не го сфатив онака како што требаше, како маскирана наклонетост, оти бев во бестрага чесен и неупатен во општествено верификуваните ритуали на маскирање на чувствата, па за мене инаетот значеше – инает и ништо повеќе).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе